Селахадин Ипек, кој веќе 34 години произведува и продава сладолед во областа Чемрик, ги радува децата во руралните места така што во летните месеци им доставува сладолед со мотор во руралните предели на турскиот Дијарбакир.

Децата брзо се собираат околу него и чекаат во ред да купат сладолед штом пристигне.

Педесетгодишниот Ипек започнал како млад да прави сладолед, а денес со него работат сопругата и синот.

Традиција му е во текот на летото да ги израдува децата во руралните средини така што им ја носи нивната омилена слатка на мотор.

Во тие места нема продавници или можност децата да купат сладолед.

Сладоледот што го подготвува го пакува во термоси во својата работилница, и патува километри со моторот до селата во Чемрик и Џунгуш, каде што нема маркети. На влезот во населеното место, свири со моторот, и за неколку минути е опкружен со деца – сите сакаат сладолед.

За агенцијата Анадолија изјави дека многу рурални места немаат пазар или продавници, и дека сладоледот купен во центарот се растопува додека да стигне до селото. Затоа, тој лично го доставува.

– Кога почнав да работам, децата беа мали. Сега тие пораснаа и бев и на нивни свадби. Сега им продавам на нивните деца. Кога ќе влезам во село, свирам, и децата трчаат по мене. Таа радост ми е доволна. Ќе го правам ова додека сум жив – рече Ипек.

Единаесетгодишната Елифсу Илиќ, која од Истанбул дошла во селото Ибикаја во Џунгуш, каде што живеат нејзините баба и дедо, рече:
„Кога чичко Селахадин доаѓа, децата веднаш го препознаваат звукот на моторот. Тој ги радува децата. Во Истанбул лесно можеме да купиме сладолед, но тука нема каде.“

Десетгодишниот Буњамин Ѓунгорду од селото Елифусаги во Чемрик рече дека се многу среќни кога ќе го видат Селахадин дека доаѓа.

Шеесетгодишниот Абас Чифтчи од селото Гечит изјави:
– Доаѓа во нашето село секое лето и сите се среќни.