Поради наглото зголемување на водостојот на реката Дрина, која се излеа во небранети делови, во повеќе општини во Србија е прогласена вонредна состојба. Таа е на сила во Осечина, Лозница, Владимирци, Крупањ, дел од Пријепоље и Мали Зворник.

Најголеми проблеми со снабдувањето со електрична енергија има во Колубарскиот, Мачванскиот и делови од Златиборскиот округ. Сообраќајот се одвива отежнато низ целата земја, а забрани за тешки товарни возила се воведени во Заечар, Ваљево, Пожега, Ужице, Нови Пазар, Ивањица и Крушевац.

Иако водостојот на Дрина и Лим се стабилизира, мерките за вонредна одбрана од поплави ќе останат на сила во наредните седум дена. Надлежните служби уверуваат дека засега нема опасност по човечки животи или објекти, но апелираат граѓаните да не се приближуваат до реките.

Во делови од Лозница и Мали Зворник, поради дефекти на електромрежата, голем број домаќинства се без струја. Екипите на ЕПС се постојано на терен, а поставени се и агрегати на критичните трафостаници.

Од 4 јануари досега интервенирано е повеќе од 40 пати, при што се евакуирани 20 лица, најчесто поради снежни наноси и излевање на реки. На автопатот „Милош Велики“ забележани се возила заглавени во застанатата лента поради неисчистен коловоз.

„Патишта Србија“ соопштија дека сите државни патишта од прв и втор ред се проодни, но коловозите се влажни и местимично покриени со снег до пет сантиметри. Потрошени се над 36.000 тони сол, а зимските служби работат со полн капацитет.

Надлежните апелираат на внимателно возење, задолжителна зимска опрема и следење на сообраќајната сигнализација до стабилизирање на временските услови.