Ден по несреќата се огласи возачот на камионот од Полска, во кој удрил комбито со навивачите.

Седум навивачи на ПАОК загинаа во вторникот во тешка сообраќајна несреќа кај Темишвар, во Романија.

Комбито со навивачите на солунскиот клуб налетало на камион кој доаѓал од спротивен правец на автопатот DN6, кој самите Романци го нарекуваат „пат на смртта“.

Како што пренесоа локалните медиуми, ова е најтешката сообраќајна несреќа што се случила во овој крај во последните најмалку 20 години.

Во несреќата животот го загубија млади навивачи на солунскиот клуб.

Ден по трагедијата се огласи и возачот на камионот од Полска, во кој удрило комбито со навивачите.

Полјакот е во шок поради смртта на седумтемина млади Грци.

„Возам камион веќе 34 години и никогаш во животот не сум видел нешто слично. Имам поминато повеќе од 1.000.000 километри и ова ми се случува првпат“, изјави тој за романските медиуми.

Еден од очевидците на несреќата, кој се наоѓал две возила зад комбито што ги превезувало навивачите на ПАОК, изјавил дека возачот на комбито маневрирал и чекал вистински момент за претекнување.