Сезоната на греење почна, а за да ја поминете во топол дом, ви претставуваме неколку начини како да заштедите на сметките за електрична енергија без разлика дали се греете на парно, на дрва, на радијатор…

1. Изолирајте ја влезната врата
На влезната врата ставете дрвен праг. Ако не може да се изведе, може на долната страна на крилото да се зацврсти цврста метална или пластична трака со метличка, која може да се набави во продавница. Ако вратата се отвора во студен ходник или директно кон надвор, пред вратата може да се постави завеса од тежок и густ материјал, што ќе го ублажи студениот бран и промаја.

2. Разместете го мебелот
Овој зимски „мејковер“ е бесплатен и привремен. Тргнете го мебелот од студените надворешни ѕидови и наместете го во близина на изворот на топлина. Што е можно повеќе тргнете го мебелот од радијаторите или други грејни тела, затоа што така го блокира топлиот воздух.

3. Ставете тепих
Тепихот го задржува студениот воздух под својата површина. Ќе ви помогне подолго да ја задржите топлината без оглед на тоа дали на подот има плочки, бетон, паркет или ламинат.

4. Набавете пренослива греалка
Ставете греалка што може да се преместува во просторијата во која најчесто седите, и намалете ја температурата на печката или шпоретот на дрва. Остатокот од куќата можеби ќе биде малку постуден, но ќе ви биде доволно топло ако се облечете подебело.

5. Не го прегревајте просторот
Оптималната температура е 20 степени. За секој степен се трошат 6 проценти повеќе енергија.

6. Водете сметка за ролетните и за завесите
Навечер спуштајте ги ролетните и навлечете ги завесите за да го намалите губитокот на топлина. Ролетните може да го намалат губитокот и до 10 проценти.

7. Проветрувајте ги просториите, но не подолго од 10 минути
На тој начин ќе ја сочувате акумулираната топлина во ѕидовите и во мебелот. Правилно е во текот на денот два до три пати да го отворите прозорецот на 2 до 3 минути што е доволно воздухот да се смени, а притоа да не се оладат подовите и ѕидовите.