Не дозволувајте ништо да ви го расипе совршениот ден – подгответе се навреме за црковната венчавка. Овие две прашања се задолжителни и мора да го знаете одговорот на нив.

Пред нас е сезоната на свадби и многу младенци ќе се одлучат, покрај граѓанската венчавка, да го озваничат својот брак и пред Бога. Доколку оваа година стапувате во брак – искрени честитки. Ви пренесуваме неколку корисни совети за да знаете што да очекувате кога ќе застанете пред олтарот во црква.

При закажување на црковна венчавка, ќе биде потребно кај свештеникот од парохијата на невестата да приложите црковни крштеници од младенците и кумовите, како и потврда дека младоженецот е во слободна брачна состојба. По извршениот предбрачен испит, младенците добиваат потврда (записник), која се предава кај парохискиот свештеник на младоженецот.

Предбрачниот испит треба да се изврши три недели пред венчавката, за свештеникот во текот на три неделни литургии да ја објави намерата на младенците за склучување брак.

Предмети со духовно значење

Откако ќе ја завршите документацијата и ќе добиете одобрение, пред самиот чин на венчавка потребно е да ги обезбедите следните работи:

  • Четири големи свеќи
    Свеќите ја симболизираат чистотата и светлината на небесното царство и го осветлуваат патот на младенците.
  • Бурми
    Кружниот облик симболизира вечна верност. Се носат на четвртиот прст од десната рака и не се вадат до крајот на животот.
  • Бело платно
    Со него се врзуваат десните раце на младенците, симболизирајќи ја нивната поврзаност.
  • Црно вино
    Со испивање три голтки од заедничка чаша се означува нивното единство и заеднички живот.

Чинот на венчавка

Венчавката започнува со ставање на прстените, по што младенците и кумовите со свештеникот одат во централниот дел на храмот, каде се извршува светата тајна на венчавката.

Свештеникот им поставува две клучни прашања на младенците:

  • дали доброволно стапуваат во брак
  • дали се ветиле на некој друг

Ова е најважниот дел од обредот, бидејќи ја потврдува нивната слободна волја. Одговорите се даваат со „да“ или „не“, односно „сум“ или „не сум“, во зависност од ситуацијата.

Кумовите обично немаат директни прашања, туку нивната улога е да сведочат за бракот.

Потоа младенците им ги предаваат свеќите на кумовите, свештеникот им ги врзува рацете и чита молитви, на кои кумовите одговараат со „амин“.

Завршување на венчавката

На главите на младенците порано се ставале венци, а денес најчесто круни – симбол на духовна мудрост. Оттука потекнува и самиот збор „венчавка“.

Чинот завршува со благословот на свештеникот:
„Господи, Боже наш, со слава и чест, венчај ги!“

Потоа се тргаат круните, се одврзува платното и започнува честитањето.

Често по церемонијата, неженети момци и девојки пијат малку вино од чашата – според верувањето, тие ќе бидат следните што ќе стапат во брак.