Во сабота во Кавадарци ВМРО-ДПМНЕ го одржува редовниот конгрес, на кој речиси е извесно дека Христијан Мицкоски ќе биде реизбран за претседател. Во интервју за „360 степени“, тој ја испрати најсилната порака досега за својот политички курс – и за својата иднина.

„ВМРО-ДПМНЕ ми е трето дете – но ова ми е последен мандат“

Мицкоски првпат толку директно потврдува: ако делегатите му дадат доверба, ова ќе биде негов трет и последен мандат на чело на партијата. Според Статутот, дозволени се максимум три мандати – а тој категорично одбива каква било иницијатива за менување на овој член.

„Честа и дадениот збор не се менуваат според околностите“, вели тој, нагласувајќи дека нема да поддржи продолжување на лидерските мандати.

Промени во партијата – да, но по конгресот

На прашањата за можни кадровски промени по конгресот – генерален секретар, потпретседатели, врвно раководство – Мицкоски остана резервиран. Не откри имиња, но потврди дека ресетирање ќе има.

Што ќе се случи во 2029?

Ако Статутот остане непроменет, а ВМРО-ДПМНЕ во 2028 повторно победи, тогаш 2029 е година во која Мицкоски мора да се повлече како партиски лидер. Дали тоа значи и повлекување од премиерската функција?

„Прерано е за тоа. Двете не се нужно во судир“, порача тој, оставајќи простор за различни сценарија.

Претседателска кандидатура? „Не, тоа не е моја амбиција“

Иако логично прашање, Мицкоски ја пресече дилемата – нема амбиција да стане претседател на државата. Според него, тоа сценарио не е дел од неговиот политички план.