Во стратешки документ на Европската комисија се наведува дека постојниот режим на престој, кој дозволува 90 дена во рамки на 180 дена, создава сериозни проблеми за секторите што зависат од постојана прекугранична мобилност.
Европската унија објави нова визна стратегија со која за првпат се предвидува системско решение за професионалните возачи од земјите надвор од Шенген, преку воведување посебни визи и продолжен краткорочен престој во Шенген-зоната.
Во стратешкиот документ на Европската комисија се наведува дека постојниот режим на престој, кој дозволува 90 дена во период од 180 дена, создава сериозни проблеми за секторите што зависат од постојана прекугранична мобилност. Посебно е истакнат секторот на товарниот патен транспорт, што е од исклучително значење за земјите од Западен Балкан.
Комисијата констатира дека важечките правила наложуваат прибавување долгорочна виза или дозвола за престој за секој престој подолг од 90 дена, но дека таквиот систем не е прилагоден за професии кои бараат чести и краткотрајни движења меѓу земјите членки, без намера за трајно населување во Европската унија.
Во тој контекст, возачите на камиони од трети земји за првпат се експлицитно наведени како професионална категорија за која би можеле да се воведат нови правила за продолжен краткорочен престој, заедно со уметници на турнеи, спортисти и експерти ангажирани на прекугранични проекти.
Европската комисија оценува дека новите визни решенија би можеле да придонесат за поголема флексибилност на пазарот на трудот, стабилност на синџирите на снабдување и подобро функционирање на внатрешниот пазар на ЕУ, со истовремено задржување на контролата врз миграциските текови.
Наредните чекори и конкретните модели на нови визи ќе бидат предмет на преговори со земјите членки во наредниот период.
