Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска во Суботица изјави дека неговата земја, иако зависна од увозот на нафта и гас, секогаш ќе ја сподели сопствената енергетска безбедност со Србија.
Тој заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ им се обратија на новинарите по добивањето признанија од Фондацијата „Иштван Пастор“ за унапредување на односите меѓу двете земји. Орбан нагласи дека Србија секогаш може да смета на поддршката од Унгарија и најави дека на работниот ручек ќе разговараат за енергетската стабилност и регионалниот мир.
На новинарско прашање да ја коментира изјавата на неговиот шеф на кабинет дека унгарската компанија МОЛ би можела да купи удел во Нафтената индустрија на Србија (НИС), Орбан кратко одговори дека одлуката е исклучиво на Србија.
Претходно, Гергељ Гулјаш – шефот на кабинетот на Орбан – изјави дека МОЛ е подготвен за потенцијална „нормална пазарна трансакција“ за купување дел од НИС, која моментално е во руска сопственост, но преговорите сè уште траат.
