Поради тоа пристигнале на аеродром со погрешна документација и останале без патување.

 

Млад пар инфлуенсери тврди дека им бил забранет влез на летот за Порторико откако за информации околу визниот режим се потпирале на ChatGPT, кој им дал неточни податоци. Поради тоа, тие на аеродром пристигнале со погрешна документација и останале без патување.

Во видеото кое шпанските туристи го објавија на социјалните мрежи, тиктокерката Мери Калдас во солзи оди низ аеродромот откако ѝ било ускратено патувањето. Додека нејзиниот партнер Алехандро Сид ја теши, Калдас му се обраќа на објективот:

– Види, секогаш многу истражувам, но го прашав ChatGPT и тој рече „не“ – раскажа Мери мислејќи на прашањето дали им се потребни визи за влез во Порторико.

– Повеќе не му верувам на тој ку*кин син – додаде низ солзи, па се пошегува дека алатката за вештачка интелигенција им дала погрешни информации од одмазда.

– Повеќе не му верувам бидејќи понекогаш го навредувам, го нарекувам копиле, му велам „бескорисен си, ама барем информирај ме добро“… ова е неговата одмазда – заклучи Мери.

TikTok публиката ги исмева

Видеото на TikTok собра повеќе од шест милиони прегледи, а бројни корисници го исмеаја парот бидејќи се потпреле на вештачка интелигенција наместо да ги проверат официјалните извори.

„Природна селекција, веројатно. Ако одиш на прекуокеанско патување и сите совети ги темелиш на ChatGPT, добро си и поминал“, „Кој воопшто му верува на ChatGPT за вакви работи?“, беа дел од коментарите.

Сепак, имаше и такви што застанаа во одбрана на алатката, тврдејќи дека одговорот можеби и не бил погрешен, туку парот поставил неточно прашање. Имено, на шпанските државјани не им е потребна виза за влез во Порторико, но задолжително мора електронски да добијат дозвола за патување – ESTA (Електронски систем за одобрување на патување).