Иако студените аномалии во моментов слабеат, се предвидува атмосферското влијание да потрае до раната пролет, додека преминот кон феноменот познат како Ел Нињо се очекува до есен, што ќе влијае врз временските обрасци во наредната зимска сезона.
Започна колапсот на Ла Ниња, а голем пресврт во Тихиот Океан ќе ги промени временските обрасци во 2026 година и ќе има влијание, меѓу другото, и врз Европа.
Во последните месеци доминираше студената фаза, но најновите податоци потврдуваат дека е во тек голем распад на Ла Ниња.
Поттикнат од значајни поместувања на воздушниот притисок и ветровите, овој премин означува голем „ресет“ на глобалниот временски систем, истакнува порталот специјализиран за следење на времето Severe Weather Europe.
Иако студените аномалии сега слабеат, се предвидува атмосферското влијание да опстои до раната пролет, додека преминот кон феноменот Ел Нињо се очекува до есен, што ќе влијае врз временските обрасци во наредната зимска сезона.
ENSO (El Niño Southern Oscillation) претставува област на екваторијалниот Тих Океан која се менува меѓу топли и студени фази.
Обично доаѓа до промена на фазите во период од една до три години. За време на смената меѓу Ел Нињо и Ла Ниња, доаѓа до промени не само во глобалното време, туку овие смени укажуваат и на промени во глобалниот временски систем.
Студена и топла фаза
Студената ENSO фаза се нарекува Ла Ниња, а топлата фаза Ел Нињо, и секоја од нив има различно влијание врз притисокот и временските услови.
Во втората половина на јануари се очекува удар на западен ветер над западниот и централниот дел од Тихиот Океан, што може да поттикне затоплување на површината на океанот и да ги засили подводните топли аномалии.
Поттикнувач на ударот на западниот ветер е широко подрачје со низок притисок на запад. Овие подрачја со низок притисок, според податоците на Severe Weather Europe, ќе создадат едни од најсилните удари на западен ветер во последните години.
Фазата Ла Ниња растеше од доцното лето, а врвот го достигна кон крајот на есента. Сепак, сега веќе почнува да слабее, порано од вообичаеното.
Крајот на оваа Ла Ниња започнува од запад и ќе се засили во наредните недели. Сепак, ќе биде потребно уште извесно време нејзиното атмосферско влијание целосно да исчезне.
Имено, реакцијата не е моментална на океанските аномалии. Поради тоа, временското влијание на Ла Ниња се очекува најмалку до раниот дел на пролетта.
Ла Ниња, инаку, има атмосферско влијание во текот на зимската и пролетната сезона, кога подрачјето со висок притисок во Тихиот Океан овозможува подрачјето со низок притисок да се прошири над Канада и северниот и средишниот дел на Соединетите Американски Држави.
Тоа обично носи потопол воздух во Европа.
Последните сезонски прогнози го потврдуваат овој развој. Значи, Европа – особено нејзиниот западен и средишен дел – меѓу февруари и април би требало да има повисоки температури од просекот.
Во следните неколку месеци се прогнозира брз премин кон Ел Нињо.
Топлата аномалија, според тоа, веќе ќе биде присутна во текот на летото. Со оглед на тоа, Ел Нињо може значително да ја намали шансата за силни урагани што влијаат врз САД.
Но, најголемото временско влијание обично се бележи во текот на зимската сезона. Тогаш Ел Нињо најчесто создава силно подрачје со низок воздушен притисок што носи потопли од вообичаените температури во северните делови на САД и западна Канада.
Просечната зима тогаш најчесто носи постудени температури во јужните и источните делови на САД.
Ел Нињо, исто така, ги менува обрасците на снежните врнежи.
Шансите за снежни врнежи растат во јужната половина и кон истокот на САД, како и над источна Канада.
Што се однесува до Европа, Ел Нињо создава поголем потенцијал за снежни врнежи од југот на Велика Британија, преку средна Европа и кон југоистокот.
