Со децении Дубаи го градел имиџот на засолниште на чист луксуз и потрошувачка, кое го посетуваат туристи од целиот свет.

Сега, меѓутоа, овој град во Обединетите Арапски Емирати се соочува со сериозна закана, бидејќи војната меѓу САД и Израел од една страна и Иран од друга ги разниша темелите на таканаречениот „дубајски сон“ во кој многу странци веруваа.

Обединетите Арапски Емирати претрпеле повеќе од две третини од иранските напади. Аналитичарите сметаат дека земјата делумно била цел поради длабоките воени и разузнавачки партнерства со западните сили, но и поради репутацијата на Дубаи како еден од омилените центри на глобалните финансии и западниот туризам.

„Сјајот дефинитивно исчезна“, изјавил Џон Трудинџер, Британец кој веќе 16 години живее во Дубаи, за „Гардијан“. Тој работи како директор на училиште во една образовна установа во Емиратите и вработува повеќе од 100 наставници од Велика Британија. Според него, многумина од нив биле толку „длабоко трауматизирани и тешко се справуваат со ненадејното доаѓање на војната во Дубаи“ што заминале и не планираат да се вратат.

Тие се меѓу десетиците илјади жители и туристи кои го напуштиле Дубаи откако САД и Израел пред речиси две недели започнале заеднички напади врз Иран. Големата популација на работници-мигранти во градот, меѓутоа, нема таква привилегија.

Секојдневно на телефоните на жителите пристигнуваат предупредувања за „потенцијални ракетни закани“, со совети да побараат засолниште и да се држат подалеку од прозорците. Повеќе од 90 проценти од вкупно 1.700 ирански проектили биле пресретнати од противвоздушните системи на ОАЕ, но некои сепак погодиле важни цели, меѓу кои воени бази, индустриски комплекси и аеродромот во Дубаи, поради што привремено било затворено едно од најпрометните воздушни јазли во светот. Нападите врз два дата-центри накратко ги оставиле жителите без можност да користат мобилни телефони за дигитални плаќања.

Хотелот „Фермонт“, кој се наоѓа на познатиот вештачки остров во облик на палма, познат по луксузни вили, ексклузивни хотели и елитни плажни клубови, исто така бил погоден во драматичен напад.

Заин Анвар, таксист од Пакистан, видел како неговиот автомобил бил уништен за време на нападот врз хотелот „Фермонт“, откако го паркирал додека бил на молитва.

„Најсреќниот човек сум на светот што преживеав“, рекол тој. „Но сега семејството ми вели да се вратам дома. Не сакам повеќе да бидам во Дубаи. Нема работа, откако почна војната не заработуваме ништо и не верувам дека туризмот наскоро ќе се врати. Многу таксисти како мене размислуваат да заминат во некоја друга земја. Сите знаат дека со Дубаи е готово.“

Економските последици од конфликтот за ОАЕ најверојатно ќе бидат значителни, но никаде толку како во Дубаи, каде туризмот секоја година носи околу 30 милијарди долари. Повеќе од 90 проценти од жителите се странци, меѓу кои и една од најголемите концентрации на милијардери во светот, привлечени од фактот дека во Емиратите нема данок на приход, капитална добивка ниту наследство.

За разлика од другите емирати во Заливот, Дубаи нема огромни резерви на нафта на кои може да се потпре. Аналитичарите сметаат дека финансиските загуби би можеле да бидат огромни ако војната продолжи и ако репутацијата на градот како безбеден центар за туризам и западен капитал во бизнисот, банкарството и недвижностите продолжи да слабее. Во средата банките „Ситибанк“ и „Стандард Чартерд“ ги евакуирале своите вработени од Дубаи поради „зголемени безбедносни грижи“.

„Дубаи веќе трпи големи загуби“, изјавил Халед Алмезаини, професор на Универзитетот Зајед во ОАЕ и коавтор на книгата „Вовед во политиката на Заливот“. „Засега економијата на ОАЕ може да издржи, но ако ова продолжи уште десет или дваесет дена, последиците за туризмот, авио-сообраќајот, бизнисот на странците и нафтениот сектор ќе бидат многу тешки.“

Шеиковите кои управуваат со Дубаи се обидуваат да го контролираат наративот и да ја задржат сликата за мир и сигурност. По низа панични објави на социјалните мрежи, полицијата во Дубаи се закани со апсења и затвор за инфлуенсери кои објавуваат содржини „кои се во спротивност со официјалните соопштенија или можат да предизвикаат општествена паника“. Во оптимистички пораки официјалните лица објаснуваат дека „големите експлозии“ што се слушаат на небото всушност се „звукот на безбедноста“.

Жителите и туристите кои останале во градот тврдат дека сè уште е можно да се води релативно нормален живот, иако баровите на плажа, трговските центри и хотелите со пет ѕвезди се морничаво празни. На плажата Џумеира може да се видат инфлуенсерки во бикини како позираат пред камерите, додека деца се играат на огромни пловечки играчки во морето, а џет-скија редовно го сечат хоризонтот.

Иронично, многу туристи велат дека во Дубаи дошле токму за да побегнат од војната.

„Ние сме од Украина, па за жал од една воена зона дојдовме во друга, но таков е животот“, рекла 26-годишната Кристина Халис додека пиела коктел на лежалка. „Сè уште се чувствувам безбедно овде, одам на плажа и уживаме во животот. Не би ни помислиле дека има војна.“

Масовното заминување на туристите и инфлуенсерите донело и неочекувани последици. Стотици кучиња и мачки, кои често ги чувале познати личности од TikTok, Instagram и YouTube, последниве денови биле оставени во засолништа за животни, врзани за бандери или оставени во кутии на улиците додека нивните сопственици во брзање ја напуштале земјата. Засолништето за животни K9 од Дубаи ја опишало ситуацијата како „одвратна“.

За милионите економски мигранти кои дошле во Дубаи да работат во градежништво, достава, возење и други физички работи, опцијата едноставно да седнат во авион и да се вратат дома речиси и да не постои. Во градот живеат околу два милиони Индијци, до 700.000 Непалци и околу 400.000 Пакистанци, меѓу кои има многу работници со низок статус кои често се изложени на експлоатација и не можат лесно да ја напуштат работата.

Од четворицата луѓе кои загинале во ОАЕ од почетокот на конфликтот, тројца се работници од Јужна Азија: пакистански таксист, непалски чувар и возач на цистерна со вода од Бангладеш. Во напад со дрон во близина на аеродромот во Дубаи рано наутро во средата биле повредени двајца државјани на Гана, еден Индиец и еден државјанин на Бангладеш.

Во квартот Мухаисна 2, на периферијата на Дубаи каде се наоѓаат работнички домови, 29-годишниот работник од Нигерија Ебенезер Ибрахим бил еден од ретките кои воопшто биле информирани за конфликтот.

„Сите сме луѓе и сите крвариме, па секако дека се грижам поради овие ракети“, рекол Ибрахим. „Но владата засега добро ја врши работата пресретнувајќи ги. Доаѓам од Африка и во мојата земја има многу проблеми. Имам свои цели и ќе останам тука да работам за нив.“

Повеќето луѓе во Мухаисна 2 само слегнувале со рамениците и велеле дека војната нема врска со нив. Сепак, семејството на Салех Ахмед, 55-годишен возач од Бангладеш кој загинал кога делови од ракета паднале на неговото градилиште во Дубаи, тврди дека недостатокот на информации и јасни предупредувања бил кобен.

„Вистинските размери на она што се случува го сфатив дури кога се вратив во Бангладеш и овде ги видов вестите“, рекол неговиот помлад брат Закир Хусеин, кој исто така работи во Дубаи.

„Искрено, работниците во Дубаи се плашат да зборуваат. Секогаш имавме чувство дека не смееме ништо лошо да кажеме за земјата бидејќи би можеле да западнеме во проблеми. Да знаевме што навистина се случува, мојот брат можеби ќе се обидеше да замине на побезбедно место или да се врати дома.“

Хусеин вели дека враќањето во Дубаи, особено додека трае конфликтот, сега му изгледа „неподносливо“.

„Но Дубаи е единственото место каде знаеме како да заработиме“, рекол тој. „Нашите семејства зависат од нас.“