Албанците се незадоволни од содржината на учебникот по географија за средно образование од кого учат учебниците во втората година од реформираната гимназија.

Не е фер велат тие така да бидеме третирани во учебниците по географија. Ако ние имаме разбирање за Македонците, тогаш најмалку што сакаме е да не бидеме навредувани во учебниците од кои учат средношколците.

Дел од Албанците одат до такво екстремно толкување на содржината на учебниците што велат дека со читање, или со читање меѓу редови, на тоа што е напишано може да се дојде до опасен заклучок дека Албанците се окупатори во западна Македонија, дека тие мигрирале во Македонија во различни временски периоди, почнувајќи од 1780 година, дека краделе, одземале и ги убивале локалните Македонци и дека за тоа имале поддршка од тогашната османска власт.

Во врска со тоа денес реагираше дел од албанската опозиција, посебно коалицијата составена од Алтернатива и Алијанса на Албанците. Тие велат: Ние ја поддржуваме изјавата на премиерот каде тој вели дека Македонците не се разбудија во далечната 1944 година и рекоа дека од денес сме Македонци и додаваат:

Сепак премиерот и неговите подредени, па дури и оние аргати албанофони, треба да знаат дека и ние Албанците, не се разбудивме еден ден да кажеме дека од денес веќе немаме потекло од Илирите, туку од Черкезите, Ромите и Турците, како што тој сака да ги учи македонските, албанските и другите деца од РСМ, велат од тие две партии.

Не се разбудивме, велат од Алтернатива и Алијанса на Албанците, еден ден од спиење и градот каде што се создаде албанската азбука, да го наречеме Битола, затоа што на државните институции не им се допаѓа да го нарекуваме Манастир.

Поради овие навреди, како што тие се чуствуваат од напишаното во тој учебник, албанските политичари сакаат учебниците да се пишуваат по таканаречениот бугарски модел односно да бидат комбинирани и усогласувани од мултиетнички формирана комисија.

Учебници за албанските ученици треба да бидат пишувани од автори Албанци, велат тие, имајќи предвид дека албанскиот јазик е официјален и за тоа имаме стручен кадар.

И доаѓаме до клучната поента, а тоа е и учебниците да биде пишувани, условно речено, по бадендер. Односно, според предлогот на албанската опозиција, конкурсот за новите учебници треба да има форма каде што ќе бидат прифатени најмалку два најдобри учебника од двата јазика, за да може тогаш да се комбинираат темите од мултиетничката комисија за подобар квалитет на учебникот.

И така е тоа обично во животот. Кога Бугарите и Грците ја отворија пандорината кутија, и почнаа да бараат учебниците во Македонија да бидат пишувани со нивно одобрување, прашање на време беше кога и албанските политичари ќе решат дека треба да станат поголеми Грци и Бугари од самите Грци и Бугари и да ги бараат истите работи што Софија и Атина ги бараат од македонската влада.

Можеме само да замислиме што ќе се случува ако Албанија стане членка на ЕУ пред Македонија и потоа и тие како Бугарите да почнат да глумат моќни европски супер сили и да не уценуваат.