Патриша и Лесли МекВетерс поминале заедно 47 години. Тие основале семејство, чувале деца, се грижеле за внуци и правнуци.
Тие починале минатата недела од ефектите на инфекција со ковид-19 во иста минута.
“Тие буквално правеа сè заедно. Иако бевме сериозно погодени од нивната смрт, а сега кога размислувам не е толку изненадувачки бидејќи тие беа заедно цело време”, изјави Јоана Сиск, една од нивните две ќерки.
МекВетерс се меѓу 268.087 лица кои починале од коронавирус во САД. И бидејќи бројот на хоспитализации продолжува да достигнува нови највисоки бројки, експертите се загрижени дека ќе следат уште значително поголем број смртни случаи, пишува Си-Ен-Ен.
“На прв поглед, тие изгледаа сосема поинакви. Таа беше пензионирана медицинска сестра која не прифаќаше глупости, а тој беше забавен пензиониран возач на камион. Но, заедничко за нив беше нивната искрена љубезност и грижа за другите луѓе”, рече Сиск.
Кога Патриша се заразила со коронавирус, таа отишла во болница, но ја испратиле дома и и рекле да се изолира. Иако се чувствувала прилично болна, по 35 години работа како медицинска сестра не ја преиспитала одлуката на лекарот.
Следната недела и Патриша и Лесли завршиле во болница, тие биле толку болни што ги однела брза помош. Биле во болница една недела, а потоа починале.
Персоналот на болницата рече дека тие умреле буквално во истата минута и им напишале исто време на смрт на двајцата: 24 ноември 2020 година, во 16:23.
Kanal5.com.mk
