Денешниот празник се слави во спомен на настанот кога свети Јован го крсти Исус Христос во реката Јордан.
На 19-ти јануари, секоја година православните христијани го слават празникот Богојавление, кој уште се нарекува и Водици.
На овој ден се слави почетокот на учителскиот и спасителен подвиг на Господ Исус Христос. Според Библијата, Исус кога наполнил 30 години, почнал да се занимава со учителската дејност, а симболично овој пат го започнал со светото крштевање во водите на реката Јордан.
Се верува дека за време на крштевањето на Исус пред светот заедно се појавиле, таткото, синот и Светиот Дух, или Свети Троица, па заради тоа празникот го носи и името Богојавление.
Ова е еден од најголемите празници во христијанството и за него се врзуваат повеќе обичаи и верувања.
Во македонските градови, денес верниците скокаат во осветените води со цел да го фатат крстот, а во голем број градови, тој што ќе го фати крстот потоа со него поминува низ домовите, каде верниците го даруваат со подароци.
Постои верување дека по фаќањето на крстот, водата каде што се одвивал обичајот станува лековита, па голем број верници полнат од оваа вода и ја чуваат во своите домови како лек од разни болести.
Многу народни обичаи и верувања се однесуваат на Богојавление.
На овој ден се осветува водата што се носи дома и се пие заради здравје и просветлување на душата и телото.
Се смета за лековитост и заштитно од нечисти сили и се чува во куќите до следното големо водосветување. Христијанството учи дека Богојавленската вода никогаш не се расипува, бидејќи во неа престојува силата на Светиот Дух.
Во кој ден и да падне, Богојавление никогаш не се пости. На овој ден завршуваат „некрстените денови“, кои започнаа на Божиќ.
Според вообичаениот календар денеска почнуваат деновите погодни за свадби.
Денес христијанските верници се поздравуваат со поздравот „Бог се јави – Навистина се јави!“
На денешниот ден, именден празнуваат Богдан, Бојан, Богомил, Богдана, Данчо, Данка, Даница, Јордан, Јорданка, Јован, Јованка.
Нека ни е честит еден од најголемите и најубавите христијански празници!
