Животното кое е оригинален носител на новиот коронавирус сè уште не е идентификувано, објави Светската здравствена организација (СЗО) на прес-конференција во кинескиот град Вухан. Експертите на СЗО престојуваат во Вухан веќе четири недели за да го испитаат потеклото на ковид 19.
Според Лианг Ванијан, кинески експерт на универзитетот Џингхуа, лилјаците и панголините се исклучени како можни извори на ковид 19.
Коронавирусите кои се најтесно поврзани со САРС-КоВ-2 може да се најдат во лилјаците и панголините, што сугерира дека тие можат да бидат резервоар на вирусот што предизвикува ковид 19. Меѓутоа, досега идентификуваните вируси не се доволно слични на вирусот САРС-КоВ-2 за да бидат директни причинители за неговото појавување, рече Лианг на прес-конференција на Светската здравствена организација.

Питер Бен Ембарек, експерт за безбедност на храна во СЗО, рече дека истражувањето за потеклото на вирусот корона засега укажува на природен извор – лилјаци, иако е малку веројатно дека тие се наоѓале во Вухан.
Нема докази за циркулација на ковид 19 кај ниту еден животински вид во Кина на крајот на 2019 година, додаде Ембарек.
Не беше можно да се утврдат ниту еден животински вид како потенцијален извор на оваа болест, и сè укажува на тоа дека во моментов, а ниту во текот на 2019 година, немало циркулација на овој вирус кај ниту еден животински вид во земјата, рече експертот.
Тој додаде дека избувнувањето на пандемијата со Ковид 19 најверојатно е предизвикано од внесување на вирусот преку медијатор-домаќин, додека е малку веројатно дека вирусот излегол од лабораторијата.

Идентификувавме четири главни хипотези за тоа како вирусот можел да достигне до човечката популација: директен пренос од животни; влез преку посредник домаќин; пренос преку синџирот на исхрана и површински пренос; и, конечно, инцидент поврзан со лабораторија. Нашите првични откритија сугерираат дека пренесувањето преку медијатор-домаќин е најверојатно и за тоа ќе бидат потребни повеќе студии и поспецифични насочени истражувања. Наодите сугерираат дека хипотезата за лабораториски инцидент е многу малку веројатна, рече Бен Ембарек.
Лианг рече дека нема докази дека ковид 19 циркулирал во Вухан пред декември 2019 година и дека стапката на смртност не се зголемила во Вухан и другите градови во провинцијата Хубеи од јули до декември 2019 година.

За периодот од јули до декември 2019 година, ги разгледавме податоците за следењето на смртноста во Вухан и остатокот од провинцијата Хубеи. Има малку индикации за значителни флуктуации во морталитетот што може да укаже на појава на пренос на коронавирус. Нема индикации или докази за пренесување на САРС-КоВ-2 меѓу луѓето во периодот пред декември 2019 година, рече Лианг
Експертот, сепак, додаде дека вирусот што предизвикува ковид 19 можеби циркулирал во други региони пред да биде идентификуван во кинескиот град Вухан на крајот на 2019 година.
