За лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски барањето за Вонреден Конгрес е таканаречена иницијатива на мал број луѓе заробеници и слуги на Зоран Заев кои се обидуваат да манипулираат со дел од делегатите кои што беа присутни на Конгресот во Куманово, а потоа и во Валандово, а со единствена цел да добијат милост од нивниот стопан, Зоран Заев за да можат да се спасат од политички и кривичен прогон.

Јас можам да ги разберам, но не можам да ги оправдам, вели тој.

Филип Петровски, кој е делегат на Конгресот и е дел од Иницијативниот одбор за свикување Вонреден Конгрес го повикува Мицкоски да се откаже од Конгресот во ноември и да се појави на Конгресот кој е закажан за 28 март.

Ако е Мицкоски толку сигурен во довербата што ја ужива тогаш нека се појави на единствениот легитимен Конгрес, а тоа е Конгресот на 28 март, можеби делегатите и ќе му изгласаат доверба ако се задоволни од неговото владеење и големиот број порази на изборите од кога е тој лидер на партијата, вели тој.

Според Петровски, делегатите на Конгресот во Валандово со кран го инсталираа Мицкоски да биде лидер на партијата, иако тој тоа со ништо не го заслужи. Сега, вели тој, Мицкоски пред тие луѓе треба да поднесе отчет за својата работа и да ја провери својата доверба.

За Петровски сега е легитимен само Конгресот закажан за 28 март, а ноемврискиот Конгрес на Мицкоски е само конгрес-одговор на закажаниот конгрес од Иницијативниот одбор за Вонреден Конгрес.

Инаку денес после долго време својот мобилен телефон го уклучи поранешниот министер за надворешни работи Никола Попоски, кој сите клучни моменти во партијата ги има преспано со исклучен мобилен телефон, вклучително и за време на одржувањето на Конгресот во Валандово во декември 2017 година.

Во изјавата за медиумите тој рече дека не е дел од Иницијативниот одбор за Вонреден Конгрес и дека со Конгрес како Валандово, резултатот и во март и во ноември ќе биде ист.

Ивица Конески, за нашиот портал изјави дека тие како Иницијативен одбор веќе ја имаат обезбедено поддршката на повеќе од 400 делегати кои учествуваа на Конгресот во Валандово во 2017 година кога Мицкоски беше избран за лидер на партијата.

Според неговото мислење, Мицкоски се плаши да излезе пред луѓето што го гласаа и му ја дадоа довербата во Валандово. Сите 500 членови на вонредниот конгрес, вели тој, Мицкоски ги нарече соработници на Заев.

Тој ја гледа партијата како приватна фирма за остварување на неговите финансиски апетити, вели Коневски.

Инаку во политичкиот простор веќе се случуваат интересни прегрупирања на силите. Веќе се прават и се нарачуваат анкети на кои се мери рејтингот на потенцијалните наследници на Мицкоски.

Една таква анкета веќе се спроведува од една српска агенција, за која се смета дека е блиска до опозицијата, која има направено интересен избор на личности за кои се анкетираат граѓаните. Таму се имињата на потпретседателите Александар Николоски и Владо Мисајловски, како и пратеникот и поразениот претседателски кандидат, Гордана Сиљановска.

Но интересно на таа анкета во подготовка го нема името на актуелниот претседател Мицкоски. Од СДСМ, од страна на таа агенција, се тестира рејтингот на Зоран Заев и Стево Пендаровски.