Православните верници денес го одбележуваат празникот на преподобните Ксенофонт и Марија и нивните синови Јован и Аркадиј. Во народната традиција овој ден се смета за празник на семејството.
Ксенофонт и Марија биле угледни и богати жители на Цариград во 5 век и живееле посветено христијански живот. Особено се грижеле нивните синови да ги воспитуваат во вера и добродетели.
Според преданието, кога нивните синови тргнале на школување по море, бродот го зафатила силна бура. Двајцата се спасиле, но биле исфрлени на различни брегови и секој мислел дека другиот загинал. Од тага, и двајцата се замонашиле и утеха побарале во верата.
Родителите, пак, верувале дека ги изгубиле синовите. По две години дошле во Ерусалим на поклонение, каде што по чудесна околност повторно се сретнало целото семејство. Среќни по повторната средба, го разделиле имотот на сиромашните и и тие се замонашиле.
Се верува дека овој ден носи благослов за домовите во кои владеат мир и слога меѓу родителите и децата.
Според стар обичај, семејствата одат заедно во црква и палат свеќи — родителите за Ксенофонт и Марија, а децата за Јован и Аркадиј. Се препорачува денот да се помине со најблиските, во разговор, прошетка и заедничко дружење.
Народното верување вели дека љубовта и добрината покажани на овој ден се враќаат повеќекратно.
