Слаб ветер со променлив правец постепено ќе премине во слаб до умерен северен ветер.

Денеска во Македонија ќе биде облачно и студено, наутро со слаб мраз, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи. Најголемиот дел од земјата ќе биде зафатен од врнежи од снег, освен во некои северни делови каде што времето главно ќе биде суво.

Слаб ветер со променлив правец постепено ќе се засилува и ќе премине во слаб до умерен северен ветер.

Најниската температура ќе се движи од минус шест степени во повисоките и северните делови, до еден степен во јужните делови на Македонија, додека највисоката дневна температура ќе биде од минус три до четири степени.

Во Скопје ќе биде облачно, студено и претежно суво, со можност за слаб снег. Температурата без поголеми осцилации ќе се движи од минус еден до нула степени, а во вечерните часови ќе биде во опаѓање.

И во недела во Македонија ќе преовладува облачно и студено време, местимично со слаб снег.

На почетокот на наредната недела ќе се задржи студено време, но во повеќето места ќе биде суво, со делумно разведрување. Во утринските часови се очекува умерен до силен мраз, а во текот на денот само понекаде слаб снег.

Од среда се очекува слабеење на утринскиот мраз и пораст на дневните температури. Во текот на денот времето ќе биде суво, а кон крајот на следната недела на некои места се очекува дожд, како и повремено засилување на југоисточниот ветер.

Биометеоролошка прогноза за сабота, 10 јануари 2026 година:

Временските услови ќе бидат неповолни за лицата со респираторни и цереброваскуларни заболувања, додека кај поголемиот дел од хронично болните се очекува благо намалување на тегобите. Кај метеопатите се можни болки во коските и зглобовите, замор и поспаност.