Тој уште за време на животот се прочул како голем добротвор и светител кој може да излекува секоја болест и да отстрани секоја мака.

Македонската православна црква и верниците денес го слават Свети Лав, епископ Катaнски.

Тој уште за време на животот се прочул како голем добротвор и светител кој можел да излекува секоја болест и да ја отстрани секоја мака.

Свети Лав живеел во Италија во 8 век и целиот свој живот го посветил на помагање на болните и сиромашните луѓе. Освен тоа, Лав бил жесток бранител на христијанството кој се спротивставувал на секоја форма на ерес и незнабоштво.

Зад неговиот живот, најпозната останала приказната како во еден момент во неговиот град дошол некој маѓионичар и измамник по име Илиодор, кој со своите приказни ја заведувал младината.

Лав го фатил, го врзал и заедно со него влегол во голем оган. Според преданието, Илиодор целосно изгорел, додека на Лав ништо не му се случило, бидејќи пламенот воопшто не го допрел.

По овој настан, неговиот култ како свет човек станал уште поголем и попознат, а особено му доаѓале болни луѓе кои, како што се верувало, тој успевал да ги излекува само со допир и со добра реч.

Чудата на Свети Лав продолжиле и по неговата смрт во 8 век.

Имено, неговите мошти се извор на благоухано миро со исцелителни својства. Тој е погребан во црквата на Светата маченица Луција на Сицилија, која самиот ја изградил додека бил жив.

Свети Лав особено се почитува на Сицилија, каде што го поминал поголемиот дел од својот живот и каде и денес е заштитник на градовите Синагра, Линџи и Ромета. Го слават и католичката и православната црква.

Во народното верување, денешниот светител се почитува затоа што носи здравје и среќа во секој дом на верниците, а како што со огнот ги прочистил неверниците, така пламенот ги однесува и сите неволји, болести и маки.

Затоа народното верување вели дека на денешниот ден особено треба да се внимава со огнот.