Шест лица, меѓу кои и неколку лекари, завршиле во затвор во Кина за нелегално земање органи од луѓе загинати во несреќи, објавиле локалните медиуми.

Групата ги мамела семејствата на починатите убедувајќи ги дека официјално ќе ги донираат органите на починатите. Помеѓу 2017 и 2018 година, лекарите на тој начин незаконски набавиле црн дроб и бубрези на 11 лица во болница во провинцијата Анхуи.

Кина веќе некое време се бори со недостиг на органи бидејќи бројот на донации не одговара на побарувачката на болните.

Според локалните медиуми, четворицата лекари кои набавувале органи во болницата биле вклучени во ланецот на трговија со човечки органи. Наводно биле насочени кон семејствата на оние кои имале мозочни крварења или на оние кои починале во сообраќајни несреќи, пишува Би-Би-Си.

Менаџерот на единицата за интензивна нега Јанг Суксун им приоѓал на членовите на семејствата и ги прашувал дали би донирале органи на некој близок. Подоцна, членовите на семејството потпишувале лажен образец за донирање органи. Лекарите потоа го ваделе телото од болницата среде ноќ и го пренесувале со комбе направено да изгледа како брза помош.

Потоа ,ќе ги отстранеле органите во комбето и ќе ги продавале на поединци или на други болници.

Властите го откриле системот на трговија со човечки органи кога син на една од жртвите се посомневал.

Неколку месеци по смртта на неговата мајка во 2018 година, Ши Ксианглин повторно ги проверил документите што ги добило семејството кога таа се согласила да дарува орган и открил неколку неправилности, како што се празни места во формуларите. Потоа тој побарал истрага од болницата и надлежните органи и открил дека немаат информации за донацијата на органите на неговата мајка.

Тој контактирал со Јанг Суксун и прашал што се случило, на што раководителот на одделот за интензивна нега му понудил поголема сума пари доколку „ја држи устата затворена“.

Kanal5.com.mk