Вучиќ од Њујорк порача дека се подготвува за вечерашниот говор пред Генералното собрание на ОН и дека има трема. Тој рече дека ќе се бори за Србија и ги повика своите поддржувачи да се борат, најавувајќи дека за два до два и пол дена ќе се врати во Србија.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, објави порака од Њујорк, каде што вечерва во 22 часот треба да се обрати пред Генералното собрание на Обединетите нации.
– Еве ме во Централ парк во Њујорк. Шест и нешто е наутро по американско време, како што би рекол јас, односно источноамериканско време. Она што е важно да ви го напоменам е дека не трчам. Не сум во состојба да се фалам ниту со возење велосипед, ниту со брзо трчање, но научив рано да станувам и вредно да работам за својата земја – рече Вучиќ.
Тој додаде дека денот го започнува со бројни состаноци и подготовки за настапот во Обединетите нации.
– Денес се подготвуваме со многу состаноци за настапот во Обединетите нации. Секако дека имам трема. Единственото нешто што можам да им го ветам на луѓето е дека ќе се борам за нас и за нашата земја. Една работа би им ја порачал на сите мои соборци, на сите кои нè поддржуваат, а тоа е да се борат.
„За два, два и пол дена се враќам во Србија“
– За два, два и пол дена се враќам во Србија и ќе ја предводам таа борба, борбата против оние кои ја понижуваа нашата земја, се обидуваа да ги понижат жените во Србија, ги навредуваа и ги поткопуваа сите наши вредности.
– Затоа мојата порака до сите е: тоа што го направија не е тема само за еден ден.
Вучиќ се осврна и на, како што рече, заканите и навредите упатени кон него и кон жените во Србија.
– Не знам дали луѓето разбираат колку е страшно. И не мислам само на тоа што мене ми се закануваа со силување преку нивните официјални профили, што денес го нарекуваат сатира. Каква ли сатира.
– Многу поважно е тоа што ни покажаа како би се однесувале кон нашите баби, мајки, сопруги, ќерки, внуки и сестри.
Тој порача дека, според него, таквото однесување не треба да се дозволи.
– Тоа не смееме да го дозволиме и не смееме да преминеме преку тоа. Затоа уште еднаш им порачувам на сите жени во Србија: не мора да се грижите. Ќе ја одбраниме и ќе ја зачуваме Србија и таквите луѓе никогаш нема да ја водат нашата земја.
– Сигурен сум дека нема да ја добијат довербата ниту од вас, ниту од целиот наш народ.
Вучиќ на крајот им се заблагодари на граѓаните за пораките со поддршка пред неговиот настап во Обединетите нации.
– Сè што можам да кажам е дека ќе дадам сè од себе. Посебно им благодарам на жените во Србија, и благодарам на цела Србија – заклучи претседателот.
