Европската Унија повторно го одложува целосното воведување на системот за влез/излез (EES), откако тест-фазата покажа сериозни проблеми и ризик од голем метеж за време на летната сезона. Европската комисија потврди дека наместо пролет, системот сега целосно ќе профункционира дури во септември.
EES е дигитален граничен систем што предвидува биометриска регистрација на патници од земји надвор од ЕУ при влез и излез од Шенген-зоната. Иако се најавува со години и неколкупати беше одложуван, неговото постепено воведување започна на дел од аеродромите и пристаништата — но не помина без проблеми.
На локациите каде што веќе се применува, патниците мора да оставаат биометриски податоци на специјални киосци, што значително го забави протокот. Пријавени се долги редици, бавни процедури и случаи во кои патници ги пропуштиле своите летови.
Првично само мал дел од патниците беа опфатени со новата евиденција, но процентот постепено се зголемува. Со проширувањето на примената, растат и застојите.
Извештај на европското здружение на аеродроми ACI Europe покажа дека времето на чекање на некои аеродроми се зголемило и до 70 проценти, а во одделни ситуации задржувањата достигнувале повеќе часови.
Како најдрастичен пример се посочува аеродромот во Лисабон, каде системот беше привремено суспендиран поради сериозни оперативни слабости и огромни гужви.
Од Европската комисија велат дека воведувањето на ваков обемен технолошки систем е сложен процес и дека на земјите-членки им се дава дополнителна флексибилност за темпото на примена. Целта е да се избегне транспортен хаос во најфреквентниот летен период.
За патниците тоа значи дека во наредните месеци на дел од граничните премини сè уште ќе продолжи класичното печатирање на пасошите, наместо целосна дигитална регистрација.
Претставници на аеродромскиот сектор предупредуваат дека пребрзото ширење на системот без доволна техничка подготвеност може да предизвика сериозни оперативни и безбедносни ризици, па затоа одложувањето се смета за превентивен чекор.
