Иако правилата за престој во земјите на Европската унија се јасно дефинирани, многу патници и понатаму свесно ги прекршуваат, надевајќи се дека „ќе поминат под радар“. Токму таквиот став често завршува со сериозни последици – од парични казни, преку депортација, па сè до повеќегодишна забрана за влез во Шенген зоната.
Прашања како:
– Дали некој знае какви се санкциите за пречекорување на престојот во Шенген?
– Ако пречекорам четири дена, дали сум во проблем?
секојдневно се појавуваат на социјалните мрежи и форуми, а одговорите често ги изненадуваат луѓето.
Од опомена до повеќегодишна забрана за влез
Искуствата на патниците се многу различни. Некои поминале само со опомена или парична казна, додека други добиле забрана за влез во Европската унија и до пет години.
– Мојот вујко го пречекори престојот четири дена и доби забрана за влез во ЕУ на три години. Не плати казна, но повеќе не може ни да патува – напишал еден корисник.
Друг наведува дека по воведувањето на биометриската контрола сè станало многу построго:
– При влез во ЕУ ме фотографираа и ми земаа отпечатоци од прсти. Останав 95 дена. На излез Маџарите ми дадоа забрана за влез на пет години.
Коментарите под ваквите објави често се директни:
– Добиваш по една година забрана за секој ден пречекорување
– Поради три–четири дена нема да ја видиш ЕУ три–четири години
ЕЕС систем: повеќе нема „провлекување“
Патниците предупредуваат дека со воведувањето на ЕЕС системот (Entry/Exit System) пречекорувањето на престојот веќе не може да се сокрие.
– Системот автоматски го евидентира секој влез и излез од Шенген зоната. Се скенираат документи, се бележи престојот и нема повеќе измами на граница – пишуваат форумџии.
Правилото 90 дена во 180 – што точно значи?
Адвокатот Стеван Рашиќ објаснува дека за државјаните на трети земји, важи строго правило.
– Нашите државјани можат да влезат во Шенген без виза, но смеат да престојуваат исклучиво туристички, најмногу 90 дена во период од 180 дена. Тоа значи околу три месеци во половина година – вели Рашиќ.
Како што додава, луѓето често го пречекоруваат престојот од семејни, здравствени или деловни причини, но законот не прави разлика.
Какви се казните за пречекорување на престојот?
Санкциите зависат од должината на пречекорувањето и од државата во која е евидентиран прекршокот.
– Ако пречекорувањето е еден до два дена, можно е да се помине со парична казна или предупредување. Унгарија и Германија во одредени случаи толерираат минимални пречекорувања, особено кога се напушта земјата со авион – објаснува адвокатот.
Сепак, подолго пречекорување носи сериозни последици.
– Ако престојот е пречекорен 50, 60 дена или повеќе, следува парична казна и рок од осум дена да се напушти Шенген. Ако тоа не се направи, доаѓа до депортација и забрана за влез од шест месеци до дури 10 години – предупредува Рашиќ.
Како да проверите дали имате забрана за влез?
Многумина стравуваат дека дури на граница ќе дознаат дека имаат забрана, па сакаат да проверат однапред.
– Секоја држава од Шенген има орган преку кој може да се провери дали лицето се наоѓа во Шенгенскиот информативен систем. Најчесто тоа се прави преку германскиот Bundeskriminalamt, кој доставува податоци за забраната, причината и времетраењето – наведува Рашиќ.
Податоците остануваат и по истекот на забраната
Проблем може да се јави и по истекот на забраната, бидејќи податоците не се бришат секогаш автоматски.
– Потребно е повторно обраќање до надлежните органи со барање за бришење на забраната, со соодветно образложение – туристичко, деловно или семејно. Во многу случаи забраната може и да се скрати – вели адвокатот.
На пример, ако забраната е изречена на четири години, веќе по две години може да се поднесе барање за нејзино укинување, доколку постои оправдана причина, како семејство во ЕУ.
Лажна виза и забрана од пет години – но сепак решение
Рашиќ наведува и конкретен пример од пракса.
– Клиент платил неколку илјади евра на луѓе кои му ветиле словачка виза. Се покажало дека визата била лажна. Словачка му изрекла забрана за влез на пет години. По кривични пријави, докажана измама и фактот дека сопругата му живее и работи во Германија, забраната му била укината по само еден месец – вели Рашиќ.

