Пред да осудите некого, сетете се на овие зборови на патријарх Павле

Во секојдневниот живот често несвесно ја преземаме улогата на судија – во продавница, во сообраќајот, на работа, па дури и кон најблиските.

Понекогаш е доволно некој да нè погледне „намуртено“, да нè прескокне во ред или да каже нешто што не сме сакале да го слушнеме – и веќе во главата сме составиле цела обвинителна постапка. Но, дали навистина знаеме кому и зошто судиме?

Во Евангелието според Матеј се запишани зборовите на самиот Исус Христос, кои јасно предупредуваат:

„Не судете, за да не ви се суди; зашто со каков суд судите, со таков ќе ви се суди, и со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери. Зошто го гледаш трнот во окото на братот свој, а гредата во своето око не ја забележуваш?“

Оваа порака не бара богословско образование за да се разбере – доволна е искрена желба да бидеме луѓе. Да не брзаме. Да не носиме заклучоци без знаење, контекст и емпатија.

На истото со години нè предупредуваше и патријарх Павле, духовникот што народот го сакаше токму поради едноставноста, скромноста и мудроста. Неговите зборови често нè потсетуваат на она што го забораваме во секојдневната трка:

„Пред да почнеш да судиш за мене и мојот живот, обуј ги моите чевли и оди по мојот пат! Помини низ улиците, ридовите и долините! Почувствувај ја болката и среќата… Помини ги годините низ кои јас поминувам, сопни се на секој камен што мене ми стоел на патот! Секогаш стани повторно и продолжи по истиот пат, како што јас правам! И дури тогаш можеш да ми судиш.“

Нема подобар одговор на прашањето зошто не треба лесно да судиме. Бидејќи никој од нас не ја знае целата приказна, ниту туѓите стравови, тишини, борби и падови.

Затоа, следниот пат кога нешто ќе нè изнервира, кога ќе помислиме веднаш да „го кажеме своето мислење“, да се потсетиме на зборовите на патријархот. И да се обидеме да се воздржиме. Бидејќи вистината е едноставна – во туѓи чевли не се оди лесно.