Камчатка, полуостров на Далечниот Исток на Русија, целосно е парализирана поради обилните снежни врнежи. Колку е сериозна ситуацијата покажува фактот што снежните наноси достигнуваат и до петти кат од зградите. Улиците се претворени во вистински лавиринти, постои опасност од мразулци и лавини во самите населени места, а за жал има и човечки жртви.

Камчатка под снежна блокада

Градските служби работат непрекинато за да воспостават барем минимална нормалност, но во одредени моменти количината на снег била толку голема што жителите не можеле да ги отворат вратите од своите домови. Некои биле принудени да излегуваат преку прозорците – доколку воопшто можеле да ги отворат, бидејќи снежните наноси достигнувале и до петти кат.

Пронаоѓањето на автомобил станало речиси невозможна мисија, бидејќи возилата се целосно затрупани под снег. Метеоролозите наведуваат дека за само неколку дена наврнала количина снег која вообичаено паѓа за неколку месеци.

Главната причина за оваа незапаметена снежна бура е ударот на силни пацифички циклони кои го зафатија овој регион.

Две жртви на суровата бура

Иако на социјалните мрежи кружат снимки од зимски „забави“, како санкање и лизгање, ситуацијата воопшто не е наивна. Суровите зимски услови веќе однесоа два човечки животи. Станува збор за двајца мажи на возраст од 60 и 63 години.

Градоначалникот на Петропавловск-Камчатски, Евгениј Белјаев, за нивната смрт ги обвини компаниите задолжени за чистење снег, кои, според него, не реагирале навреме.

Најтешка е состојбата токму во главниот град на регионот, каде уште минатата недела беше прогласена вонредна состојба. Условите на патиштата и понатаму се исклучително опасни поради серијата силни зимски бури кои го погодија Далечниот Исток со мешавина од снег, мраз и силен ветер.

Гувернерот на Камчатскиот крај, Владимир Солодов, изјави дека 21 јануари е поставен како рок за расчистување на сите главни сообраќајници со цел да се обнови редовниот сообраќај.

Опасност од мразулци и лавини во градот

Тој предупреди дека мразулците кои висат од покривите на зградите претставуваат сериозна опасност за граѓаните и нареди училиштата да се отворат што е можно побрзо, кога условите ќе дозволат.

Раководителката на хидрометеоролошкиот центар на Камчатка, Вера Полјакова, изјави дека долготрајните снежни врнежи создале локални ризици од лавини во голем број станбени зони.

Во Петропавловск-Камчатски е забележано тројно повеќе врнежи од вообичаениот месечен просек. Од 1 до 16 јануари наврнале околу 150 отсто повеќе снег од просекот за овој период. Просечната висина на снежната покривка официјално достигнала 170 сантиметри, додека во некои населби наносите надминувале 2,5 метри.

– Последен пат вакво нешто сме виделе пред повеќе од 50 години, на почетокот на 1970-тите. Овие услови се исклучително ретки – изјави Полјакова.

Според одредени податоци, ваков интензитет на снежни врнежи не е забележан во последните 146 години.

Метеоролозите предупредуваат дека снегот и ледените ветрови ќе продолжат најмалку до 26 јануари, што дополнително може да ја влоши ситуацијата. Во локалните продавници веќе недостигаат основни прехранбени производи како леб, млеко и јајца. Училиштата и голем број фирми остануваат затворени, а жителите и понатаму се принудени да работат од дома.