Сиромав човек е жив ѓавол. А кога е сиромав му треба кафана, забава за олабавување. Ќе се снајде во секоја ситуација вели народната поговорка. Па така, и во време на забрани заради епидемијата, нашиот народ наоѓа решение да не се откаже од кафански забави па макар плаќале и казни. Плус, и музика “во живо“ да имаат.

Онлајн свирки се прават низ кафеаните во Скопје, иако со одлука на Влада во угостителски објекти е забранета жива музика, кафеанџиите најдоа начин како да прават забави.

Пејачите, наместо да свират во кафеаната, од дома прават концерт, а се поврзани преку онлајн врска и звучници од кои ечи музика. Гостите го гледаат пејачот на неколкуте телевизори поставени низ локалот.

Преку пораки менаџерот на кафеаната му испраќа нарачки со песни од гостите, а потоа тој ги исполнува желбите – ‘Следната песна е специјален поздрав за Благица“, ‘Поздрав за највеселата маса денеска‘, ‘Одиме сега со нешто весело‘…

Атмосферата во кафеаните ја потврдија и репортерите на порталот сдк.мк кои посетија некои од нив, и таа е како пред почетокот на пандемијата на ковид-19. Во четврток, петок и сабота не може да се најде слободна маса, резервации се прават неколку дена однапред, а забавата почнува од 17 часот бидејќи работното време е до 21 часот.

После 19 часот атмосферата се вжештува, гостите почнуваат да играат и да се веселат, исто како кафеанските вечерни излегувања пред пандемијата.