Кристијано Роналдо, ѕвездата на португалската репрезентација која утре ќе игра против Северна Македонија во баражот за Светското првенство, изјави дека Македонците се репрезентација која мора да се почитува, пренесува Анадолија.

Португалецот ќе ги одмери силите со Македонците на стадионот Драгао во Порто.

– Ги почитуваме, бидејќи со резултатите таа репрезентација заслужи да се најде во финалето на баражот за пласман на Светското првенство во Катар, изјави Роналдо.

Во полуфиналето од квалификациите за Светското првенство, Северна Македонија направи планетарна сензација, бидејќи на 24 март годинава во Палермо го изненади актуелниот шампион Италија, славејќи со голот 1-0 на Александар Трајковски во судиско време.

– Северна Македонија успеа да изненади неколку квалитетни противници, но се надевам дека тоа нема да се случи утре, истакна Роналдо.

На официјалната прес-конференција Роналдо беше прашан и „дали ќе има Светско првенство без него“, на што тој одговори:

– Нема Светско првенство без Португалија. Ние сме тим, а не поединци.