Трагедија во гостиварско село: Двајца 30-годишни скопјани пронајдени мртви во викендичка

Двајца млади мажи на возраст од 30 години се пронајдени мртви во викендичка во гостиварското село Горна Ѓоновица, потврдија од полицијата.

Случајот бил пријавен синоќа, нешто пред полноќ, во Полициската станица во Гостивар, по што на местото веднаш биле испратени полициски екипи и итна медицинска помош.

Станува збор за лицата Т. Ј. (30) и И. Н. (30), двајцата од Скопје. Лекар кој извршил првичен преглед констатирал смрт, при што не биле забележани видливи траги на насилство.

По наредба на јавен обвинител, телата се предадени на обдукција со цел да се утврди точната причина за смртта.

Увид на местото на настанот извршиле јавен обвинител и екипа на СВР Тетово, а истрагата е во тек. Повеќе детали се очекуваат по завршување на обдукцијата и дополнителните проверки.