Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека институциите ќе реагираат решително по вчерашните протести и блокади на патишта поврзани со одземањето возила од лица кои управувале без возачка дозвола. Тој нагласи дека од Министерството за внатрешни работи побарал доследна примена на законот во случаи кога се загрозени јавниот ред и безбедноста.
Протести беа регистрирани на повеќе локации низ државата, каде групи граѓани блокираа сообраќајници со возила и други предмети, изразувајќи незадоволство од мерките за санкционирање на возачи без положен испит. На дел од местата беа запалени гуми и отпад, а сообраќајот беше во прекин неколку часа.
– Разговарав со министерот за внатрешни работи и побарав за секој што го прекршил законот, упатувал закани или го нарушил јавниот ред и мир, да следува соодветна и цврста реакција. Целта е да не се повторат вакви инциденти – изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Од АМСМ информираа дека поради јавен собир на магистралниот пат Прилеп–Градско, кај превојот Плетвар, сообраќајот бил во прекин во двата правци. На терен имало полициско обезбедување и пренасочување на возилата.
Дел од учесниците во протестите тврдат дека мерките се непропорционални и дека одредени категории граѓани се доведени во тешка положба. Од друга страна, на социјалните мрежи има и бројни реакции со поддршка за построга контрола и доследно спроведување на сообраќајните прописи.
Надлежните најавуваат дека контролите ќе продолжат и во наредниот период.
