Музичарите бараат итна ревизија на донесените протоколи за функционирањето на нивната дејност. Бараат средба со надлежните и олабавување на мерките. Тие се за строги протоколи но велат дека на овој начин не можат да остварат никакви примања и во прашање е доведена егзистенцијата на огромен број на музичари во земјава. Музичарите им порачаа на властите дека не бараат милостина, туку само можност да си ја работат својата работа.

„Сите знаете дека во еден период можноста да дејствуваме ни беше скратена или забранета, ако може така да се изразам и имавме потреба од носење итни протоколи за настапи, но тоа се случи доста несмасно“, рече Петар Младеновски, музичар.
Здружението на музичари „Музика сега“ ќе и предложи на владата да се одвојува секоја година од одреден буџет за организирање на концерти низ Македонија но на тие да настапуваат домашни изведувачи. Целта е да се поттикне домашната музика, а не поголемиот дел од хонорарите да ги добиваат странски музичари. Музичарите сметаат дека се малку застапени и на телевизиите и радијата во земјава.
„Државата да направи еден голем проект во кој што македонски бендови и музичари од било каква бранша на музика од било кој етникуми итн, значи тие преку концерти со строги контролирани протоколи кои ќе бидат на едно разумно ниво а не небулозни како што се сега во моментов да можеме ние да си го заработиме тоа што ни следува“, вели Саше Љолес, музичар.
Музичарите најавија и дека имаат намера да излезат од сивата зона и редовно да издвојуваат од својот хонорар за плаќање на придонеси за здравствено и пензиско осигурување. Тие велат дека не бараат еднократни мерки туку решавање на нивниот статус и статусот на нивната професија во државата на долг рок.
Иле Петревски
AlsatTV
