Тие живеат на различни континенти, но сепак се заедно
Маргарет Мерфи имала четири деца и убава куќа во Бризбејн, Австралија, кога во средината на педесеттите години од животот почнала да чувствува желба за поинаков живот од оној што го делела со својот сопруг Питер.
Иако беа среќно во брак повеќе од 30 години, откако децата пораснаа и домот се смири, разликите во нивните очекувања за остатокот од животот станаа сè поочигледни.
– Сакав да го видам светот пред да остарам, да доживеам нешто надвор од рутината и да го живеам животот онака како што чувствував дека треба – раскажува Маргарет за „Гардијан“.
На 56-годишна возраст таа отпатувала сама во Лондон, каде што не познавала никого, а на 60 години, за првпат во животот, почнала да работи со полно работно време. Денес има 71 година и веќе 11 години работи како консултант за професионален развој на хирурзи.
Љубовта сè уште постои.
Иако живеат на различни континенти, Маргарет и Питер сè уште се заедно.
– Верувам дека ова е послободен, посовремен пристап кон бракот меѓу постарите парови, особено сега кога сите семејни обврски се зад нас. Ако еден од партнерите сака нешто поинакво од животот, можно е да се најде решение што ќе им одговара на двајцата – вели тој.
Кога се преселила во Англија во 2010 година, му рекла на сопругот дека ќе се врати по шест месеци до една година. Но, адаптацијата на новата земја траела подолго од очекуваното – нејзините први работни места биле повремени, имало периоди без работа и често се селела од едно заедничко сместување во друго.
– Само уште една година – си велев себеси. Па уште една. И така натаму.
Останала подолго бидејќи, како што вели, ѝ се случиле многу убави нешта – добра работа, нови пријателства, можност да учи за различноста, но и да патува низ Европа и пошироко. Питер ја посетува, одат заедно на одмори, понекогаш се среќаваат на половина пат – во Њујорк или Њу Делхи.
Од куќа до мал стан
Нејзиниот скромен стан во северозападен Лондон не може да се спореди со нејзината пространа австралиска куќа со балкони. Но, кога ќе седне на каучот по работниот ден, чувствува длабоко задоволство и независност.
– Кога пристигнав овде, почувствував дека конечно дојде мојот ред. Пред извесно време ми почина мајка ми и тогаш почувствував дека се отвора ново поглавје во мојот живот. За првпат можев да се грижам само за себе – се присетува Маргарет.
Да студираш во четириесеттите
Маргарет пораснала во Бризбејн. Двајца од нејзините тројца браќа и сестри се родиле со сериозни здравствени проблеми, па таа заедно со мајка ѝ се грижела за нив уште од детството.
– Длабоко ја доживеав нивната трагедија. Сепак, едно патување ми донесе привремено олеснување. Со мајка ми и брат ми отидов во Париз, каде што останавме неколку месеци. Тоа беше моето прво чувство на слобода. Кога се вратив, на 25 години, го запознав Питер на една забава. Една година подоцна се венчавме, а набргу потоа станав мајка – раскажува таа.
Додека децата ѝ беа мали, повремено работела како наставничка по англиски јазик за странци.
– Моите деца беа неисцрпен извор на радост, секој ден со нив беше нова авантура. Но, кон крајот на четириесеттите години, се соочив со тешкотии при пронаоѓање работа. Се запишав на магистерски студии, а потоа и на докторат по лингвистика. Во исто време бев студентка заедно со моите деца – се присетува таа.
Внатрешен судир
Маргарет сè уште верува дека ќе се врати во Бризбејн, бидејќи куќата таму ѝ е сè уште дом. Но, не знае кога ќе се случи тоа. Таа е свесна дека некои луѓе нејзиниот избор го сметаат за себичен.
– Во себе чувствувам внатрешен судир: од една страна се должностите на сопруга, а од друга – желбата да живеам онака како што јас сакам во овие подоцнежни години. Но, длабоко во себе знам дека сè што направив вредеше. Можно е да се размислува надвор од стереотипите за брачниот живот. И можно е, како постара жена, да започнеш нова кариера – вели таа, додавајќи дека со текот на времето станала подобра во донесувањето одлуки.
– Научив да се соочувам со тешкотии и да барам решенија. Најважно од сè, научив самата да го водам својот живот. И станав потолерантна кон другите – истакнува Маргарет.
Денес, и таа и Питер со поголемо разбирање и почит гледаат на своите избори. Нивните светови се проширија – секој на свој начин.
