Надежта дека можеби од следниот месец македонските граѓани ќе можат да патуваат во земјите членки на Европскта Унија се урна, по веста дека земјата останува во листата на држави со лоша епидемиолошка слика.
Според информациите од дипломатски извори кои ги пренесе српски Тањуг, на оваа листа се и другите земји од Западен Балкан. Списокот во Брисел се ревидираше секои две недели, но поради колективните годишни одмори, овој пат тој ќе биде во сила цел месец, односно до крајот на следниот месец.
И покрај тоа што оваа одлука не е обврзувачка за членките, досега сите земји се придржувале кон истата. Ова во реалноста значи дека Македонците кои се надеваа дека можеби во август ќе отидат на грчките плажи, сепак тоа најверојатно нема да можат да го сторат. И покрај тоа што досегашната забрана за патување истекува на полноќ, од официјална Атина се уште нема инфомрација дали и натаму границата ќе остане затворена за македонските туристи.
Нема детали и од вчерашната средбата Димитров – Дендијас во Атина во однос на тоа дали станало збор за меѓудржавнито проток на луѓе.
Во оваа ситуација ако сепак сакате да одите на море кај некои од соседите во овој момент имате само две опции. Првата е Албанија, за каде што не ви е потребно ништо oсвен пасош, а втората е Бугарија. За влез кај источниот сосед сепак е потребен негативен ПЦР тест не постар од 72 часа. Од другите соседи со негативен тест може да се влезе во Косово, влезот во Србија е редовен, а кон Грција границата секако е затворена.
