Полицијата во повеќе градови низ државата во текот на изминатите часови лиши од слобода осум возачи поради тешки сообраќајни прекршоци – управување со активна забрана, без положен возачки испит и со фалсификувана возачка дозвола. Акциите биле спроведени во Велес, Делчево, скопско, Битола и Прилеп, а сите возила се одземени.
Во Велес, во раните утрински часови, бил запрен 29-годишен возач кој приложил фалсификувана возачка дозвола од Обединетите Арапски Емирати. При проверката било утврдено дека во неговата македонска дозвола имал активна забрана за управување возило. Тој бил задржан во полициска станица.
Во Делчево бил уапсен 31-годишен скопјанец кој управувал возило без воопшто да има положено возачки испит од Б категорија.
Во скопското село Батинци, полицијата привела 24-годишен возач кој управувал автомобил и покрај тоа што му била изречена временска забрана за возење.
Повеќе случаи се евидентирани и во Битола и прилепскиот регион. Таму биле приведени неколку лица на возраст од 24 до 43 години кои управувале возила без положен возачки испит. Контролите биле извршени на повеќе улици и регионални патишта, при што сите возачи биле отстранети од сообраќај.
Од МВР информираат дека по целосно документирање на настаните, против сите лица ќе бидат поднесени соодветни пријави за кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“.
Полицијата најавува засилени контроли и во наредниот период, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот.
