Станува збор за филмски пари кои на прв поглед изгледаат како вистински, но не се законско средство за плаќање.

Германската полиција издаде предупредување до граѓаните откако во петок, на 12 септември, во градот Остероде ам Харц (во сојузната покраина Долна Саксонија) се појавија лажни банкноти од 50 евра.

Станува збор за т.н. филмски пари, кои се користат за снимања, но во овој случај биле нелегално пуштени во оптек.

Како да се препознаат?

  • Недостасуваат клучни безбедносни елементи – нема воден жиг, холограм ниту сигурносна лента.

  • На рабовите на секоја банкнота јасно пишува: „This is not legal, it’s to be used for motion props“ („Ова не е легално, наменето е како филмски реквизит“).

  • Сите банкноти ја имаат истата сериска ознака: GQ32335888.

И покрај овие очигледни разлики, со лажните пари веќе било плаќано во супермаркети и ресторани, па е покрената официјална истрага за кривично дело – пуштање фалсификувано средство за плаќање во оптек.

Полицијата и понатаму трага по лицето или лицата кои ги дистрибуирале банкнотите низ градот. Граѓаните со информации се повикуваат да се јават во Полициската станица во Остероде на бројот 05522/5080.

Сè повеќе фалсификати

Новите податоци на Германската сојузна банка (Deutsche Bundesbank) за 2023 година откриваат загрижувачки тренд: бројот на фалсификувани банкноти во Германија пораснал за 28,2% во однос на претходната година.

Минатата година од платниот промет биле откриени и повлечени околу 56.600 лажни евра-банкноти со вкупна вредност од 5,1 милион евра.

Најчесто се фалсификувале токму 50-евро банкноти – тие сочинувале 38% од сите запленети фалсификати. Потоа следат 10- и 20-евро банкнотите со заеднички удел од 28%, што е пад во однос на претходната година (37%).

Забележан е и огромен пораст кај 200- и 500-евро банкнотите – дури +266% и +167%. Овој скок е поврзан со неколку големи измами при купување луксузна стока, каде биле користени токму тие високо-номинални банкноти.

Голем дел од запленетите фалсификати лесно се препознаваат, бидејќи недостасуваат основни безбедносни обележја како воден жиг и сигурносна лента.

Апел на полицијата

Филмските пари не смеат да се пуштаат во понатамошен промет, ниту пак да се враќаат на лицето од кое сте ги добиле. Сите пронајдени банкноти мора веднаш да се предадат на властите, за да се спречи нивно понатамошно ширење и да се сочуваат евентуални отпечатоци од сторителите.