Во февруари влеговме со продор на постуден воздух кој потсети дека зимата сè уште не е завршена. По неколку студени утра, следува период на почести промени — од постудени денови и можен снег, до ново затоплување.

Според најавите на регионалните метеоролози, месецот ќе биде динамичен, со чести осцилации на температурата и засилен ветер во одделни периоди.

Почетокот на месецот – студени утра, па пораст на температурите

Во првите денови од февруари утрата се со мраз и температури под нулата, а на повисоките места можни се врнежи од снег или мешан талог. Дневните температури постепено ќе растат и во текот на првата декада од месецот во Македонија ќе се движат меѓу приближно 8 и 15 степени.

Ќе има повеќе облачност и повремени врнежи од дожд, како и засилен ветер од јужен и југоисточен правец. Кон крајот на првата декада ветерот постепено ќе слабее.

Околу средина на февруари се очекува ново заладување со спуштање на постуден воздух од север. Ова ќе донесе пад на температурите и услови за снег, особено во повисоките и планинските предели, но не е исклучена појава на снег и во пониските места.

Во најстудените денови утринските температури би можеле да се спуштат меѓу -8 и -2 степени, додека дневните ќе се движат околу нулата или неколку степени над нула. Ако се формира снежна покривка, можно е дополнително намалување на температурите.

Постудениот период може да потрае околу една недела до десет дена.

Крајот на февруари носи затоплување

Во последната декада од месецот се очекува ново затоплување, со пораст на температурите, топење на снегот и почест јужен ветер. Температурите ќе се вратат на вредности слични на оние од почетокот на месецот.

Месечен тренд за Македонија

Според сезонските изгледи за регионот:

  • Просечните минимални температури ќе бидат околу или малку над повеќегодишниот просек

  • Просечните максимални температури исто така ќе бидат блиску до нормалата или малку повисоки

  • Се очекуваат повеќе врнежи од вообичаено — и дожд и снег

  • Можно е локално зголемување на водостоите на реките поради комбинација од врнежи и топење на снегот

Февруари ќе биде типично променлив зимски месец — со брзи временски пресврти, па се препорачува планирањата на патувања и активности на отворено да се следат со редовни локални прогнози.