Премиерот Димитар Ковачевски денеска пред медиумите рече дека вчера имал детален состанок со министрите за економија и за финансии на кој се разговарало за движењето на цените во малопродажвата. Тој најави дека ќе следуваат ригорозни мерки за трговците кои ги поскапуваат цените, како дел од антикризниот пакет во периодот што следува.
– Се забележува зголемување на цените во малопродажбата, се забележува зголемување на профитите во малопродажбата. Соодветно на тие анализи, ќе бидат предложени мерки од Владата кои ќе бидат ригорозни и нема да има пардон.
Сигурно е дека ќе има негодување, меѓутоа нема да дозволиме во време на криза некој да ги зголемува своите профити во апсолутен износ, на сметка на граѓаните кои треба да врзат крај со крај, кажа Ковачевски.
Ковачевски не спомена конкретно какви ќе бидат мерките, но рече дека „се е во опција, вклучително и регулирано намалување на цените“.
За денеска заеднички состанок најавија министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски, по што ќе излезат со изјави во јавноста.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вчера потврди дека имал работен состанок со претседателот на Комисијата за заштита на конкуренцијата за да се започне поширока акција против евентуалните картели кои во трговијата формираат неподносливи цени на производите за граѓаните./Faktor