Претседателот на Бугарија, Румен Радев, изјави дека поднесува оставка од функцијата, додавајќи дека должноста шеф на државата ќе ја преземе актуелната потпретседателка Илијана Јотова.
– Утре ќе ја поднесам оставката од функцијата претседател на Република Бугарија – изјави Радев на вонреден брифинг за јавноста.
Тој истакна дека бугарската демократија нема да опстане доколку биде оставена, како што рече, „во рацете на корумпирани структури и екстремисти“, нагласувајќи дека довербата од граѓаните го обврзува да ги штити институциите.
Радев потсети дека првпат бил избран за претседател пред девет години, а дека довербата му била обновена и во 2021 година. Според неговите зборови, таа чест и одговорност се трудел да ги оправда во сите свои постапки.
– Пред девет години гласавте за мене да ѝ служам на Бугарија како претседател. Заедно поминавме низ низа кризи, напади од олигархијата и големи протести во 2020 и 2025 година. Денес ви се обраќам за последен пат како претседател на Бугарија. Ги признавам своите грешки – изјави Радев.
