Нема човек кој барем еднаш не пробал спанаќ со млеко. Рецептите за ова „градинарско“ јадење се разликуваат во ситници – некој го сецка спанаќот поситно, некој погрубо, некој додава лук, некој не, некој става и кисела павлака. Како и да го подготвите, спанаќот со млеко е едноставно, но неодоливо јадење што со уживање ќе го изедете до последниот залак. А ако покрај него испечете јајца на око или направите кремаст пире компир (или брза шницла), ќе имате комплетен домашен оброк!

Благ, кремаст и нежно зелен, спанаќот со млеко е класика која враќа во безгрижните денови од детството. Следете го рецептот што ви го пренесуваме и со вкусот вратете се во тие убави времиња.

Спанаќ со млеко – рецепт

Потребно е:

  • 1 кг свеж спанаќ

  • 30 г путер или 3 лажици масло

  • 2 лажици брашно

  • 2 чешниња лук

  • Прстофат сол (или два)

  • 500 мл млеко

Подготовка:

Спанаќот измијте го, отстранете ги потврдите стебленца и ставете го во длабок сад. Прелијте со ладна вода и оставете да зоврие. Кога ќе зоврие, варете 5-6 минути, па процедете и оставете да се излади. Насечкајте го со нож.

Во подлабока тава стопете путер (или загрејте масло), додајте брашно и пржете додека не стане златно, внимавајќи да не загори. Тргнете од оган и додајте ситно сечкан или испасиран лук. Штом замириса, додајте го спанаќот и половина од млекото, па вратете на оган. Варете додека не се згусне, потоа додајте го и остатокот од млекото, посолете и варете уште околу 10 минути. По вкус додадете сол и бибер.