Блокадата на сообраќајот преку Суецкиот канал поради заглавениот голем брод со контејнери може да ја чини глобалната трговија помеѓу 6 и 10 милијарди долари неделно, покажала студија на германскиот осигурител „Алијанц“.




Секоја недела од блокадата може да ја намали годишната стапка на раст на светската трговија за околу 0,2-0,4 процентни поени, според студијата на најголемиот европски осигурител, објавена денеска.
Пандемијата предизвика огромни проблеми во глобалната трговија како резултат на затворањето и ограничувањата на движењето, кои го попречуваат сообраќајот и непречениот проток на стоки.




Ним оваа недела им се придружи блокада на транзитот низ Суецкиот канал поради заглавување на 400-метарскиот брод со контејнери.
„Проблемот е во тоа што блокадата на Суецкиот канал е капката што ја прели чашата за глобалната трговија“, напишале авторите на студијата.




„Прво, роковите за испорака се продолжени од почетокот на годината, и сега се подолги во Европа отколку што беа кога пандемијата на ковид-19 беше во полн ек“, предупредуваат тие.
Во САД, ситуацијата е уште полоша и на стоките им треба двојно подолго време за да стигнат до клиентите, покажала студијата, бидејќи залихите истекуваат во очекување на зголемување на побарувачката, што треба да се зголеми преку дарежливиот пакет фискални стимулации на претседателот Џо Бајден.




Раководството на Суецкиот канал денеска ги интензивира напорите за извлекување на бродот и ослободување на важната глобална сообраќајна рута, чија блокада значително ги зголеми цените на товарните танкери и ги наруши глобалните ланци на снабдување./Kanal5
