Креирањето на петтиот пакет мерки на Владата е при самиот крај, а до крајот на неделата се очекува финализација на дилемата дали на фирмите како помош да им се дава бескаматни кредити со три години период на враќање, но и можност 30 отсто од овој кредит да се претвори во грант, наместо да им дава директни државни субвенции за исплатата на платите на своите вработени.




Засега ова е тоа што им било соопштено на работодавачите и на синдикалците на средбата која тие ја имаа на сесијата на Економско социјалниот совет, како еден од моделите што би можел да се прифати во петтиот сет.
Промената на мерката, според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, е тоа што директната помош за исплата на плати е многу обемна операција, која бара висок износ на пари, што е големо оптоварување на државниот буџет.




„Процесот на консултации и координација за петтиот пакет мерки со сите засегнати страни се уште трае и истиот се уште не е комплетно дефиниран. Модалитетот на носење на повеќе пакети за економска поддршка ни овозможува да можеме да мериме и анализираме ефекти и да се прилагодуваме на показателите. На 3 до 4 месеци носиме мерки кои проактивно им помагаат на стопанството и граѓаните“, се вели во одговорот што го добивме од Кабинетот на вицепремиерот Битиќи.
Финансиска поддршка за плати се очекува да има и во петтиот пакет на мерки но веројатно со изменет модалитет.




„Затоа, за поддршка на исплата на платите, нудиме и еден нов модел, надвор од досегашниов што го имавме до декември, а тоа е да понудиме преку Развојната банка финансиска поддршка преку кредити кои имаат нула камата, тоа значи дека каматата ја субвенционира државата, бидејќи нема кредит со нула камата, и им даваме на компаниите 12 месеци грејс период, како и период од три години на враќање на средствата, под услов – ако покажат негативни резултати, ќе продолжат да си го враќаат кредитот, а ако покажат позитивни резултати, 30 отсто од тоа станува неповратен грант. Значи, мерката оди во духот на тоа што јас го најавив, а тоа е дека 2021 година треба да биде година на заздравување и рестарт на економијата“, гласи последното објаснување на Битиќи што го даде при телевизиското гостување.
