Министерката за одбрана, одговарајќи на прашања на новинарите, рече дека Северна Македонија ја следи ситуацијата не само како соседна држава, туку и како земја членка на НАТО која со свои трупи учествува во мисијата на КФОР во Косово. Петровска, одговарајќи на прашања на прес-конференцијата со нејзиниот норвешки колега, изјави дека случувањата на Косово немаат директно влијание на земјава и од оние информации со кои досега располагаме и ги разменуваме не влијаат на загрозување на безбедноста на нашата држава

Загриженост за безбедносната ситуација на северот на Косово изрази и норвешкиот министер за одбрана, кој, како и Петровска, рече дека овој трагичен инцидент ја илустрира важноста за намалување на тензиите во северно Косово и потребата од враќање на политичкиот дијалог за да се спречи понатамошна ескалација

Северна Македонија одблиску ја следи ситуацијата во Косово и според информациите со кои досега располагаме и ги разменуваме како земја членка на НАТО, случувањата таму не влијаат на загрозување на безбедноста на нашата држава, изјави денеска министерката за одбрана, Славјанка Петровска.

Таа и нејзиниот норвешки колега Бјорн Арилд Грам, кој е во посета на земјава денеска, на заедничката прес-конференција го осудија нападот на косовската полиција од страна на вооружена група изразувајќи жалење и сочувство до семејството на убиениот старешина на полицијата на Косово и брзо закрепнување на повредените во нападот.

Министерката за одбрана, одговарајќи на прашања на новинарите, рече дека Северна Македонија ја следи ситуацијата не само како соседна држава, туку и како земја членка на НАТО која со свои трупи учествува во мисијата на КФОР во Косово.

Вчерашните случувања на Косово, чиј биланс досега е еден загинат и еден ранет полицаец и тројца убиени и двајца уапсени напаѓачи, според Петровска, се „уште еден показател и доказ дека и Белград и Приштина мора интензивно да работат на дијалогот додека тоа не биде предоцна“.

„Одговорноста на секој еден од нас сме на одредени политички позиции во дадени моменти во државите е да носиме одлуки со кои ќе носиме мир и просперитет на граѓаните, а нема да создаваме конфликти и поделби. Ситуацијата во Косово и во регионот навистина е приоритет за нас, за Република Северна Македонија да биде стабилна со цел да продолжат процесите, особено интегративните процеси на сите држави од регионот кои декларативно ќе ги чуете и видите во изјавите на сите политичари“,
рече Петровска.

Време е, порача министерката за одбрана, за носење на одлуки од кои граѓаните на државите во регионот ќе видат бенефит од она што политичарите го ветуваат во даден момент.

Прашана како таа и нејзиниот норвешки колега ја оценуваат ситуацијата – експлозивна, тензична и дали има опасност по безбедноста на нашата земја, Петровска рече дека инцидентот на Косово нема директно влијание на безбедносната состојба на државата.

„Не е нималку едноставно за нас кога ќе видиме дека во регионот има било каков вид инцидент, особено кога е нападната полиција на одредена држава. Меѓутоа тој инцидент или тоа што се случува таму нема директно влијание и од оние информации со кои досега располагаме и кои ги разменуваме не влијаат на загрозување на безбедноста на нашата држава. Тоа го гарантира и фактот дека сме земја членка на НАТО и како што реков изминатиот период вложуваме навистина многу во одбраната. Меѓутоа се разбира секоја од институциите внатре во Република Северна Македонија има обврска да придонесе за нашата национална безбедност“,

Во врска со тоа како ќе се рефлектираат случувањата на Косово на регионот, министерката за одбрана подвлече дека токму во таа насока биле нејзиниот и повикот на норвешкиот министер за одбрана за дијалог меѓу двете страни за да се спречат дополнителни конфликти во Косово или во регионот кои практично ќе направат негова дестабилизација.

„Не е грижата само дали Република Северна Македонија е безбедна. Да, ние сме безбедни, меѓутоа преку сите тие учества во многубројни мисии, особено во мисиите во регионот и во Косово и во Босна и Херцеговина, Република Северна Македонија сака да биде и контрибутор и да придонесе кон регионалната безбедност и стабилност. Во 21. Век кога на сите политичари без разлика дали се тука кај нас во Македонија или во регионот, без разлика дали се власт или опозиција ќе слушнете многубројни коментари колку сме ние или колку се тие посветени на процесите на европска интеграција на сопствената држава, а некои од нив и на интеграцијата во НАТО, не е само работата колку пати тоа ќе го повториме туку што се секој од нас ќе направи. Овие моменти се тие моменти кога секој од нас ќе го покаже лидерството и визионерството за сопствената држава, а потоа да се грижи за сопствените рејтинзи“,

Загриженост за безбедносната ситуација на северот на Косово изрази и норвешкиот министер за одбрана, кој, како и Петровска, рече дека овој трагичен инцидент ја илустрира важноста за намалување на тензиите во северно Косово и потребата од враќање на политичкиот дијалог за да се спречи понатамошна ескалација.

Прашан дали е можна споредба на она што се случува на Косово со конфликтот во Украина, Грам рече дека секоја ситуација има своја динамика.

„Можам да ја искажам уште еднаш нашата загриженост за ситуацијата во северно Косово и осуда на нападот. Вакви напади се неприфатливи. Не знам дали е продуктивно да се споредуваат различни конфликти, оној што се случува во Украина и тука. Секоја ситуација има своја динамика и секоја ситуација е сама за себе и треба со неа да се справуваме на соодветен начин. Што се однесува до Косово мислам дека и двете страни треба да ја исполнат својата улога, да го вратат дијалогот повторно“,/ 360 Stepeni