За разлика од пред две децении, сега има скоро 140 илјади повеќе луѓе над 60 години. Бројот на млади до 29 години, пак, се намалил за 270 илјади луѓе. Потребна е промена на политиките, имајќи ја предвид ваквата демографска структура на населението.

Овозможување на пензионерите, барем сезонски или повремено, да се вклучуваат на пазарот на труд, како и поголеми инвестиции во старечки и пензионерски домови, како и создавање на кадар за работа во нив, се работите кои ќе мора да се прават во наредниот период, имајќи ги предвид податоците од пописот за забрзано стареење на населението. Економскиот аналитичар Горан Рафајловски, пак, вели дека Македонија ќе треба да ги отвори вратите и за работници од странство.

Резултатите од пописот покажуваат дека Македонија сега има 1,83 милиони жители,185 илјади помалку од претходниот попис во 2002 година.

Сепак, бројот на стари луѓе се зголемува, на сметка на огромното намалување на млади и работоспособни луѓе.

За разлика од пред две децении, сега има скоро 140 илјади повеќе луѓе над 60 години.

Ако во 2002 година имало 303 илјади луѓе над 60 години, сега има над 440 илјади луѓе на таа возраст.

Бројот на млади до 29 години, пак, се намалил од 907 илјади на 638 илјади луѓе, односно намалување за 270 илјади луѓе.

Социологот, професор Ѓорѓи Тоновски вели дека е неопходна промена на политиките во однос на овие демографски промени. Од една страна нема доволно градинки, а има сè помалку деца, а од друга страна нема старечки домови, а има сè повеќе стари луѓе. Тука треба сериозно планирање, вели Тоновски.

„На пример во определени градови каде што нема такви старечки домови ни сега, а камоли во некаква иднина, имате таканаречени заробени семејства, јас тие ги нарекувам заробени семејства. Мора некој да биде дома по цел ден затоа што има стар човек за кого нема кој да се грижи и тогаш или мажот или жената мора да седи дома зашто нема кој да го чува стариот човек и тоа е голема загуба. Така што, овој проблем е повеќе од итен“, вели тој.

На тој начин ќе се ослободат и повеќе луѓе на пазарот на труд, кои ќе бидат неопходни, со оглед на намалувањето на работоспособното население.

„Во нашата социјална политика има една голема празнина, а тоа е забрана на пензионерите да се занимаваат со каква било активност по земањето на пензијата. Тоа значи дека вие сте апсолутно исклучени од процесот на трудот и тоа мора да се менува“, вели Тоновски.