Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вели дека е апсолутна невистина тврдењето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека тој и предводникот на ДУИ, Али Ахмети, добиле УСБ поврзано со наводното врбување на поранешниот премиер Никола Груевски да прави раздор во најголемата опозициска партија.

„Апсолутно неточно. Чиста шпекулација за дневно политичка потреба. Ниту имам потреба да добивам, ниту да примам било какво УСБ. Ако има нешто, нека докаже. Пред кого сака, пред Господ, пред Алах, пред држава, нека почнат постапка и нека докажат дека Талат Џафери примил УСБ. Чиста шпекулација“, гласи одговорот од Џафери за телевизија Телма.

Мицкоски денеска беше во Брвеница, но не сакаше да открива детали за споменато УСБ и писмо, за кое тврди биле доказ дека СДСМ и ДУИ го ангажиралеГруевски да внесува раздор во опозициската партија.

Зборувајќи за тоа дали има докази за функционирање на како што вели тој оската Ахмети, СДСМ и Груевски, тој синоќа како гостин на Алсат М спомена и материјали кои на УСБ ги добиле челниците на ДУИ.

„Па еве ќе ги прашате и Талат Џафери и Али Ахмети за содржината на тоа УСБ, на тоа плико и каков документ имало во тоа плико и јас ќе ги следам внимателно нивните изјави и внимателно ќе следам дали ќе ја кажат вистината. Еве да оставиме тие да ја кажат вистината, бидејќи ти ги добиле два од трите документи“, рече Мицкоски.