Крилото на Алијансата за Албанците, предводено од Арбен Таравари, излезе со остри критики за начинот на кој се спроведува проектот „Безбеден град“. Според нив, имплементацијата од страна на коалицијата ВМРО-ВЛЕН-ЛЕВИЦА е селективна, дискриминаторска и спротивна на Уставот.

Од партијата велат дека проектот, наместо да ја зголеми безбедноста, отвора сериозни правни и социјални прашања кои директно го оптоваруваат граѓанскиот буџет.

„Казните стигнуваат само на македонски?“

Една од главните забелешки е непочитувањето на двојазичноста. Тие тврдат дека официјалната комуникација и казните не се целосно достапни на албански јазик.

„Официјалната комуникација со граѓаните, вклучително и известувањата и санкциите, се спроведува без целосно почитување на јазичните права на граѓаните Албанци, што претставува кршење на законските и уставните принципи“, реагираат од АА.

Економски удар и селективност

Покрај јазичните забелешки, партијата бара итни промени во казнената политика:

  • Преиспитување на висината на казните: Сметаат дека глобите се непропорционални и претставуваат економски товар.

  • Праг на толеранција: Бараат поголема флексибилност при санкционирањето.

  • Дискриминација по градови: Сметаат дека системот неправедно се применува само во одредени градови, додека други се изоставени.

Случајот ќе оди на Уставен суд

Поради овие пропусти, крилото на Таравари најави правна битка:

„Најавуваат дека ќе поднесат иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на Законот за прекршоци, со цел заштита на правата на граѓаните и обезбедување еднаквост пред законот“, стои во соопштението.