Американскиот претседател Доналд Трамп изјави денеска дека имал „одличен“ телефонски разговор со кинескиот претседател Си Џинпинг и најави дека со нетрпение го очекува планираното патување во Кина во април.

– Тоа беше долг и темелен разговор, во кој беа разгледани многу важни теми, вклучително и трговијата, воената соработка и моето патување во Кина во април, на кое многу му се радувам – напиша Трамп во објава на социјалната мрежа Truth Social.

Трамп посочи дека со кинескиот претседател разговарале и за Тајван, војната меѓу Русија и Украина, како и за актуелната состојба со Иран.

Според него, станало збор и за тоа дека Кина купува нафта и гас од Соединетите Американски Држави, како и за можноста за дополнителен увоз на американски земјоделски производи, „вклучувајќи зголемување на количината на соја на 20 милиони тони за тековната сезона“.

Трамп додаде дека Кина се обврзала да купи и 25 милиони тони во следната сезона.

Тој наведе дека со Си разговарале и за испораки на авионски мотори и за повеќе други теми, кои ги оцени како „многу позитивни“.

– Односите со Кина, како и мојот личен однос со претседателот Си, се исклучително добри и двајцата сме свесни колку е важно тоа да се одржи. Верувам дека во наредните три години од мојот претседателски мандат ќе бидат постигнати многу позитивни резултати во односите со претседателот Си и Народна Република Кина – заклучи Трамп.