Министерот за здравство Венко Филипче со премиерот Зоран Заев вчера беше во Штип каде партиски имаа активности со нивниот кандидат за градоначалник Сашко Николов. Филипче прошета со Николов и Заев, вечерта во онлајн обраќање зборуваше за Николов ама ја нападна и ВМРО- ДПМНЕ. 

Вели дека резултатот на Николов е илјадници спасени животи, и тоа на врвен начин со ниво на експертиза што се спроведува во европски и светски центри. Тоа според Филипче е влог кој дал резултат и ги повика граѓаните на 13 декември да излезат на гласање. 

Рече дека изборите ќе бидат безбедни и целосно согласно протоколите кои се веќе проверени на изборите ова лето.

Филипче смета дека апсолутно нерационално и апсурдно е однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ кои како што вели, организираат протести на кои не ги почитуваат мерките за заштита, а не одат на избори, наводно поради пандемијата.

„Што да се каже за луѓе на кои во потсвеста им стои името на премиерот Зоран Заев, ги оптоварува, со тоа се будат и заспиваат и свесни се дека прават нешто што не треба. Ако опозицијата не го кочеше заемот од Светска банка, сега наместо една модуларна болница, кај Инфективната клиника, ќе имавме 16 опремени модуларни болници, сега ќе бевме спремни, пациентите со ковид ќе беа сместени надвор од болниците, за сегашните болници да останат за другите пациенти, рече Филипче, нагласувајќи дека во брза динамика ќе се реализира нивно поставување.