Министерот за здравство Венко Филипче вечерва беше гостин во емисијата „Топ тема“ на Телма телевизија при што истакна дека полицискиот час не е трајно решение, доколку граѓаните не сфатат колку е важно почитувањето на мерките за лична заштита, бидејќи во оној момент кога тој ќе биде укинат, ќе продолжи ширењето на болеста ако мерките што се носат и препорачуваат не се почитуваат.
-И да се препорача некаде целосна рестрикција на движењето, ако граѓаните не се свесни дека мора да ги почитуват мерките истото ќе се случи и по укинувањето на полицискиот час. Значи, ни тоа не би било решение. Затоа ја пратиме ситуацијата, се фокусираме на трансмисијата во градинките и училиштата, во случај да треба да препорачаме затворање во некоја од општините ако има таква трансмисија, но засега нема.
Затоа сметам дека овој пакет на мерки што го имаме заедно со оние законски измени во Собранието е така димензиониран за да може да функционираат граѓаните, а сепак да биде ставен приоритет на заштита на јавното здравје. Полицискиот час не е трајно решение. Таму каде што мерките не се почитуваат пак ќе има раст на бројките, рече Филипче во гостување на „Топ тема“ на Телма.
Тој прашан зошто не се воведоа поригорозни рестрикции во најзагрозените општини објасни дека за да се преземат одредени мерки не се важни само бројките, туку дека од големо значење се сите податоци кои се даваат во епидемиолошките анкети, почнувајќи од тоа каква е клиничката слика, колкав е бројот на оние со најтешка слика и им е потребна хоспитализација, податоците каде и како се заразиле, како и дали се трансмисиите ограничени или станува збор за кластрери.
-Бројката на новодијагностицирани пациенти од вкупните тестови не значи ништо, затоа што многу се битни епиде*иолошките анкети. Каде се луѓето заразени, дали е ограничен кластер, во каква состојба се дали им треба хоспитализација, рече Филипче и додаде дека податоците од тие анкети укажувале дека зголемената трансмисија е резултат на групирањата и оти заради тоа и вака се димензионираат мерките.
Министерот Филипче исто така истакна и дека растот на бројот на позитивни и заболени бил очекуван и оти на тоа предупредувале уште во текот на летниот период, и затоа постојано се апелира на тоа да се почитуваат мерките, бидејќи тоа е најсигурната варијанта за да се избегнат катастрофални сценарија.
Токму тоа е и причината што мерките определени уште при првиот бран никогаш целосно не беа повлечени/
-По попуштањето на рестриктивните мерки на крајот на пролетта имавме некакви протоколи и рестриктивни мерки тие никогаш не беа повлечени. Очекувавме ваков бран затоа што прво луѓето се вратија од годишните одмори, започнаа на своите работни места, поголема концентрација на луѓе во затворени простории, очигледното прекршување на мерките доведе до ваква ситуација, рече министерот Филипче.
