Никола од Велес повеќе од 20 години работи како возач на камион и вели дека Европа ја познава подобро од многу луѓе што никогаш не излегле од својата држава. Илјадници километри, безброј гранични премини, студени кабини и ноќи по паркинзи – сè тоа му било секојдневие.
Но денес, вели, се чувствува понижен како никогаш досега.
„Цел живот ѝ работев на Европа. Превезував стока, храна, лекови. Никогаш проблем, никогаш казна. А сега ми велат – 90 дена и мораш надвор“, раскажува Никола.
Новите правила за престој за возачи од земји кои не се членки на ЕУ, за него значат едно: неизвесност, губење работа и чувство дека не е пожелен.
„Не сум турист. Не одам на шопинг, не одам на одмор. Јас сум работник. Спијам во камион, јадам конзерва, чекам ред на граница. И пак не сум добар“, вели тој.
Никола објаснува дека фирмите сè помалку сакаат да вработуваат возачи од Балканот, бидејќи правилото за 90 дена им создава проблеми во организацијата.
„Младите не сакаат да возат. Старите како мене веќе не нè сакаат. Останавме меѓу две страни“, додава.
И покрај сè, тој не се жали на работата, туку на односот.
„Не барам ништо повеќе. Само да ме третираат како човек, а не како број на пасош“, вели Никола.
На крајот, со тивок глас, додава:
„Европа ја извозев, ама изгледа никогаш не бев нејзин.“

