Унгарскиот нискобуџетен превозник Визер, кој е најкористен од македонските патници, повторно ја изненади јавноста со враќање на членството „All You Can Fly“. Станува збор за годишен пакет кој им овозможува на патниците да летаат колку сакаат во период од 12 месеци, но под одредени услови.
Со уплата од 499 евра се добива пристап до неограничен број летови, но секоја резервација се наплаќа по 9.99 евра по сегмент. Притоа, билетите може да се резервираат најрано 72 часа пред полетување, што значи дека патувањата треба да се планираат краткорочно.
Понудата е исто така ограничена – достапни се само 10.000 членства за патници во 34 држави низ Европа и Блискиот Исток. Според податоците на компанијата, просечниот корисник прави околу девет патувања годишно, што ја прави оваа услуга најисплатлива за луѓе кои често патуваат на кратки релации.
Социјалните мрежи веќе вријат од коментари – дел од патниците стравуваат дека „неограничено летање“ е само на хартија. Се претпоставува дека резервациите ќе важат само доколку има слободни места во најниските категории на билети, па шпиц-сезоната и празниците може да бидат проблематични за патување.
Покрај ова, Визер тестира и нова, попремиум услуга – „Wizz Class“. Во рамките на неа средното седиште останува празно, просторот е поголем и понудата е наменета за деловни патници кои сакаат повеќе удобност, но без да плаќаат стандардна бизнис класа.
Авиокомпанијата очекува дека новите модели ќе донесат уште поголем интерес од патниците, особено во земји како Македонија, каде што Визер одамна е прв избор за евтини и брзи патувања низ Европа.
