Не стивнуваат реакциите по прекинатиот настап на српската фолк ѕвезда Аца Лукас во Кавадарци, по кој пејачот беше приведен и казнет за настап без работна дозвола. Случајот за кратко време предизвика бурни реакции и коментари, а денес се огласија и македонските институции, како и тимот на пејачот.

Премиерот Христијан Мицковски на прес-конференција порача дека во вакви ситуации нема потреба од преголема драматизација, но дека законите мора да важат за сите:

„Законите се јасни, правилата се јасни и секој мора да ги почитува“, истакна премиерот, додавајќи дека внимателно ќе се следи однесувањето на изведувачите и нивните менаџери на вакви настани.

По прекинот на настапот, од службите стигнаа информации дека биле утврдени повеќе неправилности, а своја реакција даде и градоначалникот на Кочани, Митко Јанчев. Тој нагласи дека безбедноста на граѓаните мора да биде на прво место и дека ситуацијата како онаа во Кочани не смее да се повтори.

По реакциите во јавноста, се огласи и менаџерскиот тим на Лукас и откри детали во врска со долго најавуваниот концерт за 20 декември во салата „Јане Сандански“. Иако по апсењето Лукас порача дека не се чувствува безбедно во Македонија, во најновото обраќање тимот потврди дека концертот сепак ќе се одржи – но во целосно поинаков формат.

Настанот ќе биде хуманитарен, а целиот приход од продадените билети ќе биде наменет за семејствата на настраданите во Кочани. Покрај Аца Лукас, на сцената ќе се појават и Мирослав Илиќ и Мира Шкориќ. Тие посочија дека сите технички и организациски трошоци самите ќе ги покријат, за секој денар од билетите да оди во добротворна цел.